(ВИДЕО) Еден загинат, 20 повредени во сообраќајка во Гњилане


Едно лице загина и околу 20 се повредени, од кои некои потешко, во сообраќајна несреќа што попладнево се случи во градот Гњилане, во источно Косово.

Според локалните медиуми, несреќата ја предизвикал камион кој со голема брзина се движел во фреквентна зона во центарот на градот, при што, без да ја намали брзината, удрил во повеќе објекти и возила, предизвикувајќи и голема материјална штети.

– Можам да потврдам дека има еден загинат како последица на сообраќајната несреќа. Освен тоа, имаме извештаи за околу 20 лица кои претрпеле телесни повреди, изјави портпаролот на регионалната полиција, Исмет Хашани.

Градоначалникот на Гњилане, Љутви Хазири, кој пристигна на местото на настанот, изјави за медиумите дека на камионот со приштински регистарски таблички, според првичните информации, најверојатно му откажале сопирачките.

Хазири, како што соопштија општинските служби, ги активирал сите механизми за итни случаи и, во соработка со полицијата, обвинителството и другите надлежни органи презема мерки за справување со тешкиот настан. Исто така, одложени се сите активности во општината по повод Денот на учителот, кој Албанците го одбележуваат денеска.