(Видео) „Д Кјур“ слави 40 години од кариерата и влегува во Рокенрол салата на славните


Британските рок гиганти „Д Кјур“ ќе одржат четири последователни концерти во Сиднејската опера од 24 и 27 мај.
Групата која ја предводи фронтменот Роберт Смит на овие концерти ќе обележи 30 години од излегувањето на својот познат албум „Disintegration” кој многу музички критичари го сметаат еден од најдобрите на сите времиња.
Билетите за нивните настапи се распродадоа со брзина на светлоста, и сајтот на Сиднејската опера се блокира неколкупати сред навалата на фановите кои сакале да набават влезници за овој рок спектакл.
„Д Кјур“ ќе ги изведе сите песни од антологискиот албум „Disintegration”, дури и оние кои фановите ретко имале прилика да ги слушнат во живо. Освен што оваа година прославуваат 40 години од кариерата, во март официјално влегуваат во Рокенрол салата на славните, а фановите се израдуваа на вестите дека наскоро пристигнува нов албум.
Додека бендот навести дека во подготовка се дополнителни настапи на други светски локации по повод одбележувањето 30 години од нивниот осми албум, веќе потврдија дека ќе учествуваат на овогодинешните фестивалски гиганти, меѓу кои и фестивалот „Егзит“, со што бендот премиерно ќе настапи во Србија, а предгрупа ќе им биде групата 65daysofstattic.
Британските медиуми се повеќе пишуваат дека токму „Д Кјур“ ќе бидат  главни ѕвезди  на „Гластонбери“ оваа година, што би им бил четврти пат во кариерата да ја предводат програмата на овој фестивал. Албумот “Disintegration” кој на светот му подари хитови како што се “Lullaby”, “Lovesong”, “Pictures of You” и “Fascination Street” го зацементираа овој бенд како светска инди ѕвезда и ги доведе на самиот врв на британските топ листи, а до 1992 година разграбани се повеќе од три милиони примероци на “Disintegration” албумот.
Денес, многу фанови, критичари и познати личности го спомнуваат албумот кој влијаеше на нивните животи и им помогнал во тешките животни моменти. Дури и во една епизода од популарната серија “South Park”, авторите низ ликот на Кајл порачуваат дека тоа е најдобар албум некогаш снимен.