(Видео) Динамовците напишаа историја, па заиграа оро


Фудбалерите на Динамо Загреб и натаму продолжуваат да газат во Лига Европа. Во натпревар од четвртото коло во групната фаза, ја забележаа и четвртата победа. На распродадениот Максимир падна Спартак од Трнава со 3-1 (2-0), со што популарните „модри“ и теоретски обезбедија пласман во 1/16 финалето од поранешниот Куп УЕФА, но уште поважно – по пауза од 49 години го скршија европското проклетство и обезбедија фудбалска пролет.

Генерации и генерации фудбалери (Крањчар, Млинариќ, Модриќ, Просинечки, Шукер, Бобан, Едуардо, Ловрен, Манџукиќ…) не успеваа да го направат тоа што го направи оваа генерација предводена од македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој ги одигра сите 90 минути. Натпреварот во Загреб беше на раб на нерегуларноста и малку недостигаше да биде одложен поради густата магла.

По мечот, на радоста на фудбалерите и на навивачите на хрватскиот шампион им немаше крај. Интересно, во соблекувалната трештеше хитот на Митар Мириќ „Не може нам нико ништа“, која му е омилена на неформалниот газда Здравко Мамиќ, кој е во бегство во БиХ, а се заигра и оро.