(ВИДЕО) Брнабиќ до Пацоли: Од кого доби дозвола да дојдеш во ОН?


Српската премиерка Ана Брнабиќ и шефот на косовската дипломатијата Беџет Пацоли на кусо се сретнаа во зградата на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН.

Како што пишуваат српските медиумите, до кусата средба дошло кога во ходниците на зградата на Ист Ривер, Пацоли и пришол на српската премиерка додека таа давала изјава за медиумите и се поздравил со неа.

Додека се ракувале, Брнабиќ го прашала Пацоли „како и од кого добил дозвола да престојува во Обединетите нации“.

– Ваша дозвола имам добиено, и одговорил Пацоли на српски јазик, на што Брнабиќ му одговорила: „Не е моја, мене да ме прашавте….“. На ова, според српските медиуми, Пацоли прокоментирал: „Оваа е госпоѓата која ја уважаваме многу“.

Покрај бројните билатерални разговори во Њујорк, Брнабиќ вчера слична средба имала и со американскиот претседател Доналд Трамп за време на поздравувањето на делегациите кои присуствувале на неговиот традиционален прием на почетокот на Генералната дебата на Собранието на ОН.

Српската премиерка ракувајќи се со Трамп, му се заблагодарила на промената на односот на американската Администрација во Вашингтон кон Србија и за разбирањето за ставовите на Белград за косовскот прашање. Трамп, според српските медиуми, на ова возвратил со зборовите: „Србите се добар народ“.