(ВИДЕО) Берлускони советуваше новинарка да не се ракува енергично ако сака да се омажи


Поранешниот италијански премиер и претендент за нов мандат на парламентарните избори следниот месец, Силвио Берлускони ја „посоветува“ новинарката на Би-Би-Си да не се ракува толку енергично, доколку сака да се омажи.

– Немој толку силно да се ракуваш. Во спротивно мажите ќе помислат „оваа ќе ме тепа“ и никој нема да сака да се омажи за тебе. Дали си мажена? Ќе видиш. Биди внимателна, и порача Берлускони на новинарката по завршеното интервју.

Кога новинарката рече дека смета оти силниот стисок при ракување е добар, Берлускони и рече дека се шегува.

Во 2016 година, Берлускони тврдеше дека „мајка не може да биде градоначалник“ кога ја критикуваше бремената Џорџија Мелони, лидер на партијата Браќа на Италија, која се кандидираше за градоначалник на Рим.

По изборот на Доналд Трамп, Берлускони во телевизиско интервју изјави дека омилена работа во врска со новиот претседател на САД е неговата сопруга. – Како многу други, мажи и жени, ми се допаѓа Меланија. Поради нејзината убавина, стил и шарм, рече Берлускони.

Тој ја искоментира и сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон – Брижит, за која рече дека е „згодна мама“.

По три мандати на премиерската функција, по триесетина судски процеси против него, правосилна пресуда за затајување данок, скандал поради секс со малолетничка и голема операција на отворено срце, 81-годишниот Берлускони смета дека е рано за пензија и верува дека ќе успее да се врати на политичката арена.