(ВИДЕО) Бања Лука протестира за правда за убиеното момче: Полиција ги уапси неговите родители


Полицијата на Бања Лука и припадници на специјална единица на МВР на Република Српска го блокираа Плоштадот на Краина и го означија со жолта лента.

Полицијата им забрани на сите да се доближат до местото на кое се наоѓа слика од убиеното момче Давид Драгичевиќ, која подоцна припадниците на градската хигиена ја отстранија од Плоштадот на Краина.

На плоштадот има дваесетина припадници на специјалната полиција на Република Српска.

Давор Драгичевиќ, татко на убиеното момче, утрово е уапсен и моментално се наоѓа на хирургија, затоа што му е сркшена раката.

Полицијата од Плоштадот на Краина ја одведе и Сузана Радановиќ, мајка на убиеното момче, а според последните информации, таа се наоѓа во семејната куќа која полицијата ја претресува.

    Мајката на Давид

Освен нив двајца, уапсени се уште неколку членови на групата „Правда за Давид“ кои на 17 декември протестираа пред Народното собрание на Република Српска кога беше избирана новата Влада на Република Српска.

Плоштадот е обележан со жолта лента, која, како што пренесуваат „Независне новине“, во еден момент ја пресекол пратеникот во Народното собрание на Република Српска Драшко Станивуковиќ, по што полицијата го оддалечила од лице место.

Сараевскиот портал Клик во меѓувреме јави дека полицијата го привела Станивуковиќ и претседателот на опозициската ПДП Бранислав Бореновиќ.

Се наведува дека Станивуковиќ е приведен откако ги повикал граѓаните во 18 часот во што поголем број да дојдат на Плоштадот на Краина и да дадат поддршка за Давор Драгичевиќ, Сузана Радановиќ и другите приведени лица.

Групата „Правда за Давид“ протестираше поради реизборот на Драган Лукач за министер за полиција, затоа што родителите на убиеното момче тврдат дека припадници на МВР на Република Српска го убиле нивниот син.

Групата „Правда за Давид“ беше создадена на 26 март, после прес-конференција на која високи функционери на МВР на РС соопштија дека Давид на кобната ноќ прво се степал со три лица, потоа ограбил една куќа, а по несреќен случај завршил на дното на реката Црквена.

Родителите на Давид Драгичевиќ тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот го убиле припадници на МВР на Република Српска.

Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“.

Давид Драгичевиќ последно бил виден на 17 март, во ноќен клуб. Местото го напуштил околу 3 часот по полноќ. Пред да изгуби контакт со семејството му испратил смс порака на својот татко: „Ако нешто ми се случи виновен е Филип Ќулум“. Тој бил на 21 годишна возраст и студирал електротехнички факултет. Бидејќи никој не одговара за неговот убиство секојдневно од март до сега се протестира во центарот на Бања Лука. Вечерва најавени се протести и во Сараево, кои ќе ја поддржат иницијативата „Правда за Давид“.