(Видео) „Анима мунди“ за коњите : Институциите молчат за тортурата


Сцените со измачувани, изгладнети, преработени, тепани коњи во државата се секојдневие за кое изостанува реакција од надлежните институции, реагира Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

Велат дека имало повеќе случаи каде делото „мачење животни“ е констатирано, пријавено во полициската станица Беко, но полицијата освен увид на лице место не прави ништо велејќи дека нема надлежност, а на лицето кое го мачело коњот и кое е и претходно пријавено за суровост кон друг коњ, животното не му е одземено ниту му е покрената пријава по службена должност.

 „Анима мунди“ бара од институциите да ја вршат работата во однос на заштита на животните.

„Итно да се земе предвид иницијативата за заштита на коњите со која ќе се стави законска забрана за нивно искористување во сите урбани средини. Поточно уште на 19.9.2017 доставивме иницијатива до надлежните органи и преку посочената иницијатива за помош на коњите, даваме конкретни применливи предлози за преземање конкретни чекори кои би воделе кон унапредување на благосостојбата на коњите, золемување на безбедноста на сите граѓани во сообраќајот и олеснување на животот на граѓаните кои се најранливата и најмаргинализираната категорија граѓани во нашето општество“, велат од Здружението.

Оттаму укажуваат дека за надминување на постоечките проблеми и третирање на оваа проблематика неопходно е усогласување на законските акти, меѓуресорна синхронизација и соработка помеѓу сите надлежни институции и органи од државно или локално ниво – конкретни измени на законски прописи и нивно усогласување што, како што велат, го нудат директно во предложената иницијатива.

„Овој документ е првична иницијатива која понатаму ќе се развива во интерес на осигурување на сеопфатна и прецизна легислатива за заштита на коњите и сите други копитари кои влегуваат под овој вид (equine). Со овој документ укажуваме на проблемите во врска со кршењето на благосостојбата на коњите и да иницираме законски промени кои се од суштински интерес како за граѓаните така и за животните во Република Македонија“, велат од „Анима мунди“.