(Видео+Фото) „Како во војна“: Повеќе од 350 мртви


Повеќе од 350 луѓе загинаа, стотици се водат како исчезнати, а илјадници се во опасност по поплавите предизвикани од циклонот Идаи во југоисточните делови на Африка.
Во Мозамбик, Зимбабве и во Малави спасувачите очајнички се трудат да ги спасат луѓето кои се држат за дрвјата или се на покривите.
Во Мозамбик поплавата создаде „океан на копното“ и загрозени се десетици илјади семејства, јавуваат спасувачите кои се трудат да ги спасат преживеаните од циклонот Идаи и од воздух им фрлаат облека, храна и вода.
Водата поплави површина од повеќе од 290 километри квадратни во централен Мозамбик, со што повеќе од 100.000 луѓе се во опасност.
„Ова е најлоша хуманитарна катастрофа во историјата на Мозамбик“, вели шефот на спасувачката операција на Меѓународната федерација на црвениот крст и црвената полумесечина.
Нелсон Мода бил во Беира во Мозамбик кога бурата ја погодила земјата.
За BBC вели дека на 14 март биле дома кога утрото почнала силна бура која се движела низ градот, носејќи дрвја и куќа.
„Беше страшно, како да е војна. Децата плачеа, а ние се криевме во бањата. Можев да видам како умираат луѓе, а куќата во која живеам е уништена. Има деца кои сега немаат мајка, татко, ни дом. Гледав како градот во кој растев се распаѓа пред мене“, вели тој.
Претседателот на Мозамбик, Фелипе Њуси соопшти дека потврдена е смртта на повеќе од 200 луѓе во неговата земја. Тој претходно рече дека бројот на мртви може да достигне 1.000.
Најмалку 400.000 луѓе останаа без дом.
Реките Пунге и Бузи се излеаја, исчезнаа цели села, а многу се отсечени, со што катастрофата зеде огромни размери.
Циклонот Идаи минатата недела ја погоди Беира, а потоа се прошири на Зимбабве и на Малави.
Циклонот предизвика големи поплави во јужна Африка, најголеми во последните 20 години, изјавија луѓето од спасувачките тимови. Се очекува дождовите да продолжат до четврток.
Во Зимбабве, во источните планински предели на границата со Мозамбик, граѓаните се борат со последиците на оваа природна катастрофа.
Според последните податоци, во Зимбабве загинале 98 луѓе, но се стравува дека бројот на жртви ќе расте.
Владата на Малави до сега потврди дека 56 лица загинале, а три се водат како исчезнати, додека 577 се повредени.
Обединетите нации издвоија 20 милиони долари помош за Мозамбик, Зимбабве и Малави.