Вечерва финишира Таксират, еве го редоследот на концерти


Дваесет години од првото издание на фестивалот Таксират ќе се одбележи вечерва во арената „Борис Трајковски“.

Целосно трансформирана, салата ќе пречека над 10 славни музички имиња на дури три бини и со илјадници посетители. Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19:00 часот, а почетокот на маратонската осумчасовна музичка програма е закажан во 20:00 часот.

За првпат македонската публика ќе има прилика да ги погледне настапите на eден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група „Мандо диао“ и легендарниот австралиски драменбејс феномен „Пендулум“ кој доаѓа со својот фуриозен диџејски сет. Покрај нив, светски концерт каков што не сме навикнати да очекуваме од македонски изведувачи, подготвуваат нашите металкор легенди „Смат“, а главната бина ќе ги пречека и славните изведувачи познати по своите незаборавни настапи „Нувел Ваг“, „Дубиоза колектив“, „Терапи“ и „Културно Уметнички Работници“.

На втората бина, во малата сала на арена „Борис Трајковски“, премиерно кај нас ќе настапи апсолутниот светски битбокс шампион Разел придружуван од славниот скреч-тандем „The X-Ecutioners“, како и домашните водечки имиња кога се урбаните журки во прашање „САФ Саунд СиСтем“ „Трап да фак ап“.

Третата бина на Таксират е подготвена за повеќечасовни сетови на три диџејски пулта во исто време резервирани за актуелна екипа која владее со скопските подиуми, Скопски Грув, Oubli и Шурбе. Оваа бина е т.н. тивко диско.

Билетите може да се набават на билетарата на „Борис Трајковски“ како и на продажната мрежа МКТикетс.

Во рамките на одбележувањето на две децении од фестивалот се одржаа низа на концерти и настани во текот на целата година, со интензивна агенда последниве две недели.