Вечерва доделување на наградата Оскар


Во Долби театарот во Лос Анџелес вечерва ќе биде одржана 91. церемонија за доделување Оскари, награда на американската Академија на филмски уметности и наука.

Овогодинешното доделување на наградите, по првпат од 1989 година ќе биде одржано без водител, како и без новата категорија за најпопуларен филм, од која се откажа Академијата. Американскиот комичар Кевин Хант се откажа од улогата на водител по бурните реакции на јавноста на неговите стари, хомофобни пораки на Твитер. Последните две години церемонијата ја водеше комичарот Џими Кимел.

Во категоријата за најдобар филм, годинава се номинирани осум филмови. Фаворити, со по 10 номинации, се сметаат британскиот филм „Миленичка“, црна комедија за политичките интриги и игри на моќ на дворот на кралица Ана во 18 век и „Рома“, осврт на животот на една куќна помошничка во Мексико Сити.

Сепак, самиот број на номинации не гарантира и дека ќе ја добие наградата за најдобар филм, бидејќи за тоа гласаат 8.200 членови на Академијата од различни области.

По првпат во историјата на една пејачка, поконкретно на Лејди Гага, и успеа да стане првата личност која во иста година е номинирана за најдобра актерка и најдобра песна во филмот на Бредли Купер „Ѕвездата е родена”. Лејди Гага се смета за фаворит за освојување на наградата за најдобра песна, благодарение на „Shallow“, која ги освои срцата на обожаватели од целиот свет, за која веќе ги доби наградите Греми, Златен глобус и БАФТА.

Филмот „Црниот Пантер” од работилницата на Марвел е првиот филм за суперхерој номиниран во категоријата најдобар филм и тоа десет години откако Американската филмска академија го игнорираше филмот „Витез на темнината” во таа категорија. „Црниот Пантер” е исто така филмот со највисока заработка во 2018 година, која изнесува околу 1,3 милијарди долари.

Познатиот американски режисер Спајк Ли беше првпат е номиниран во категоријата најдобар режисер благодарение на филмот „BlacKkKlansman”. Досега беше номиниран само во категориите за најдобро оригинално сценарио и за најдобар документарен филм. Во 2015 година му беше доделен почесен Оскар.

Годинава историја ќе испише и филмот „Рома“, како прв филм на Нетфликс во таа категорија, како и во категориите Најдобар режисер, Најдобро сценарио, Најдобар странски филм, Најдобар продукциски дизајн, Најдобро уредување на звукот и Најдобар звук. Продуцентката на „Рома, Габриела Родригез, е првата латиноамериканка кој ја доби номинацијата во категоријата најдобар филм.

За Оскар за најдобар филм ќе се натпреваруваат осум остварување: „Roma“, „A Star is Born“, „Green Book“, „BlacKkKlansman“, „Vice“, „The Favourite“, „Black Panther“ и „Bohemian Rhapsody“.

Во конкуренција за најдобар режисер се Алфонсо Куарон („Roma“), Бредли Купер („A Star is Born“), Спајк Ли („BlacKkKlansman“), Јоргос Лантимос („The Favouritе“), Адам Мекеј („Vice“) и Павел Павликовски („Cold War“).

Номинацијата за најдобра машка улога ја добија Кристијан Бејл („Vice“), Рами Малек („Bohemian Rhapsody“), Бредли Купер („A Star is Born“), Виго Мортенсен („Green Book“) и Вилијам Дефо („At Eternity’s Gate“).

За Оскарот за најдобра женска улога ќе се натпреваруваат пет актерки: Глен Клоуз („The Wife“), Леjди Гага („A Star is Born“), Оливиja Колман („The Favourite“), Јалица Апарисио („Roma“) и Мелиса Макарти („Can You Ever Forgive Me?“).

Номинацијата за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје ја добија „Never Look Away“, „Cold War“, „Capernaum“, „Roma“ и „Shoplifters“. Дизниевите „Incredibles 2″ и “Ralph Breaks the Internet” се во трката за најдобар анимиран филм.