Весна Ѓиновска-Илкова, примадона: Уметниците треба да се пример за морал


Примадона на оперската сцена, дама во приватниот живот. Весна Ѓиновска-Илкова, сопран, првенец на Македонската опера и балет и редовен професор на ФМУ е актуелна со настапите на „Охридско лето“, но и како гостинка на концертите на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски во Скопје и во Охрид. Плени со својата моќна вокална и драмска изведба во текот на 15-годишната кариера, а како жена, со својата љубезност и култура на однесување. Приватно е горда мајка на два сина – Ведран и Борјан.

Изненадивте како гостинка на магичните концерти на Влатко Стефановски. Ваквите покани ги прифаќате од почит, благодарност или и како своевидна популаризација на професијата и операта?

– Најнапред благодарам на поканата. Овој тип концерти се практикува секаде во светот, особено доколку нуди квалитетна програма. Јас честопати како оперски пејач и сакам да излезам од рамките на класиката, која има една друга димензија и тежина. Но, сепак, спојот на уметници од различни сфери го прават производот магичен.

Поканата ја добив од Влатко Стефановски на еден многу непосреден начин. Токму непосредноста и отворањето на границите кон музиката, во самите разговори додека течеа пробите, мене лично ме одушеви. Ја прифатив поканата, и започнавме со работа. Работата е секогаш иста. Без разлика што подготвувам. Проби, проверка на текст, работа на музика. Во овој случај тоа беа неколку македонски песни и една позната нумера која легендарно е отпеана од Андреа Бочели и Сара Брајтман. Станува збор за „Time to say goodbay“.

Дали отсекогаш знаевте дека ќе бидете оперска певица?

– Не отсекогаш. Но, знаев дека сакам да пеам. Тоа беше мој порив, и покрај тоа што најпрво го изучував виолончелото. Желбата за пеење ми се исполни. Сето понатаму е пат кој го одам сè уште.

Што треба да поседува една успешна оперска певица?

– Да има карактер. Значи личност на сцена. Печат. Оставаш белег. Да имаш своја оригиналност. Едноставно кажано, да бидеш свој. Ничија копија. Тоа те одделува од останатите и има своја тежина.

Вие сте и примадона. Во животот знаеме да се обратиме кон некоја дама со зборовите „Не биди примадона“. Што всушност значи да се биде примадона во вашата професија?

– Уметничка слика за врвен пејач. Наједноставно речено. Да се биде примадона која не ги има сите карактеристики за успешност, е недозволиво. Тој епитет треба да се заслужи.

Кој ви беше идол од светските примадони?

– И сè уште ми се. Гена Димитрова, Ева Мартон и Ана Нетребко. Многу различни, а многу силни. Исклучителни уметници, секоја со своја енергија.

Н Дипломиравте на ФМУ во класата на професор Милка Ефтимова, а магистерските студии ги завршивте во Белград во класата на професор Радмила Бакочевиќ. Каква беше Бакочевиќ, примадона од светски формат? Дали уште се дружите со Ефтимова? Кои нивни совети ги послушавте, а кои не?

– Радмила е жена со стил, пред сè. Примадони од таков калибар скоро и да нема. Стара школа на однесување, комуникација, држење. Голем интелектуалец и голем уметник. Ефтимова е исклучителен педагог и голем борец. Но најбитно од сè е тоа што тие две се врвни професионалци во својата работа. Мојата соработка со нив само ми ги збогати духот, умот и телото во една нераскинлив спој и симбиоза.

Со Ефтимова постојано сме во комуникација. Јас сум нејзино чедо, и таа моја мајка. Од 14-годишна возраст сум со неа. И нема друг соодветен збор што би го употребила.

Избравте да живеете во Македонија. Имавте ли понуди за странство? Која оперска сцена во светот сметате дека е најтешка и најпрестижна?

– Да. Одбрав да живеам како што сакам јас. И така го водам и мојот живот. Имам 15-годишна меѓународна кариера со претстави во национални театри во Европа. Театрите од А-категорија како Метрополитен и Миланската скала се секогаш најпосакувани. Тоа се врвни оперски куќи кај кои буџетот за претстава и премиера се во милиони евра.

Кое гостување и дружење никогаш нема да го заборавите?

– Турнеите во Холандија, Данска. Незаборавни моменти за кои вреди оваа наша работа. Но затоа цената ја платив по моето враќање дома. Јас бев тато, наместо мамо.

Долгите свечени тоалети се дел од вашите настапи. Што правите со вашите фустани? Ги чувате, подарувате… Дали сте размислувале да ги донирате на изложба, како што тоа своевремено направи и вашата професорка Ефтимова?

– Тоалетите што ги носам се дело на мојот костимограф Пупуцевска. Дваесет години сум со неа. Ме знае што сакам, што ми стои, која боја итн. Поради тоа што сè уште сум активна со работа, не сум размислувала за нешто такво, но зошто да не. Ете идеја.

Кои ролји најмногу ви лежат?

– Сакам да работам улоги што имаат карактер во себе. Кои имаат содржина. Кои носат порака. Нормално, вокалот се менува, но и самата јас се менувам. Многу често сакам да експериментирам со пеењето. Во смисла на тоа како би звучел некој тон доколку го отпеам не овој или оној начин. Сакам да истражувам. И тоа ми помага да ја сочувам заинтересираноста за работата. Инаку влегуваш во една машина на едноличност.

Кој е вашиот ритуал пред настап на сцена?

– Барам само мир. Концентрација и чист фокус. Почнува претстава, нотите се секогаш до мене. И една шолја кафе и вода.

Имате ли неостварена желба на оперската сцена?

– Имам многу желби и идеи… Животот е пред мене. Битно е што јас не мирувам. Работам постојано, и тоа многу посветено и со голема љубов. Не очекувам од никого ништо и сум реална во своите желби.

Зошто имаме толку малку оперски певици?

– Имаме малку, точно. Но исто така е точно дека сè помалку има интерес за нашата работа. Тоа го заклучувам како професор. И знаете што – да бидеш оперски солист треба да се испотиш од врвот на ногата, до коренот на косата. Не постои друг пат.

Бевте член на Советот за култура во Министерството за култура кога министер беше Алаѓозовски. Дали вашиот ангажман продолжува и што е вашата улога?

– Да… член на Советот е едно исклучително интересно искуство за мене кое заврши. Запознав нови луѓе, уметници и влегов со многу елан и желба да го имплементирам моето знаење. Направивме национална стратегија за наредните 5 години. Тоа беше круцијално.

Мнозина ваши колеги влегоа во една чудна политичка авантура. Како гледате на тоа што политиката навлезе длабоко и во полето на културата, па дури да има вработувања и во операта кои се потпираат на партиската припадност. Дали уметникот треба да биде најсилен само на сцената?

– Политиката навлезе длабоко и премногу сурово. Уметниците во операта, балетот, глумците во театрите се исклучиво само уметници. Не се машина за гласање, не се пример на партиски војници. Тие треба да се пример за една симбиоза и успешен спој на животот и работата. Пример за моралот и моралните вредности. На мирот и на хармонијата. На позитивната енергија. На желбата за докажување нови техники во својата област. Уметниците се јавни личности кои мораат да држат до себе и до својата професија. Сето останато е само бегство од стварноста, на која мора да ѝ се вратиме. А, сликата воопшто не е розова. Насилството, омразата, дилетантизмот, неработењето се влезени на голема врата во нашето општество.

Дали Македонија ја гледате во ЕУ?

– Периодов тоа е актуелна тема, и нормално, јас ги преживеав сите случувања од 1991 година. Распадот на СФРЈ, граѓанската војна во Босна, Хрватска, нападот на Србија, конфликтот кај нас во 2001 година… за овие сите години живеам во транзиција, создавам уметност со македонски пасош! Не го избришав мојот корен како многумина, не земав бугарски пасош како многумина, не ја оцрнив мојата работа. Јас сум и останувам Македонка.

Засекогаш. И ако придобивките се оние за кои секој граѓанин на оваа наша држава сонува – повисок стандард, среден систем на живеење, закони и правила кои треба да се почитуваат, развиена еколошка свест, развиена свест за луѓето со посебни потреби, развиена свест за животната околина… да, јас сум за.

Како професорка на Академијата, на што ги учите студентите? На кои животни лекции?

– Најпрво да бидат доследни на својата работа. Секогаш да го дадат максимумот од себе. До каде ќе стигнат, времето ќе покаже. Мене ми е битно да излезат задоволни и побогати со знаење по завршувањето на нивните студии… И ќе заборавев за крај, тие се исто мои деца.

Лејла Сабит    Фото: Приватна архива