Весна Пешиќ: Референдумот е голема шанса за Македонија


Сметам дека не треба да има никаков бојкот, туку Македонија треба да се прослави како една вистинска европска држава и да гласа за демократијата, за влез во ЕУ. Тука не треба да постои никаква дилема бидејќи референдумот е една многу голема шанса за Македонија, вели Весна Пешиќ, познат српски социолог и поранешна политичарка во интервју за МИА.

Според неа, Македонија со својот пример и успех, којшто сигурно ќе се покаже на 30 септември, ќе влијае и врз Србија да се вразуми и да тргне и таа по тој пат.

– Ние, овдека во Србија можеме само да сонуваме за ваков резултат со кој би ги решиле проблемите, бидејќи Србија не е членка на ЕУ и на НАТО и во кавга сме со сите, името незнам какво ни е, уставот што ни е….Ете јас ви завидувам што Македонија успеа да исплива од сите своите проблеми. Сите оние што се удираат во градите дека се големи Македонци или големи Срби, гледавме дека сакаат се да стават под свое, да ја зграпчат и полицијата и судството и обвинтелството, да не натераат да живееме во калта, без ниедна институција, а во меѓувреме да можат да прават се што сакаат и да се збогатат, истакнува Пешиќ.

Весна Пешиќ е основач на Хелсиншкиот комитет на Србија, на Центарот за антивоена акција, претседател на Граѓанскиот сојуз на Србија и на коалицијата Заедно, преку кои со познатото движење Отпор станува една од главните идеолози на историските демократски промени против режимот на Слободан Милошевиќ кои кулиминираа на 5 октомври 2000 година со демократските промени во Србија.

Добитник е на престижната Награда за демократија од Националниот демократски институт од Вашингтон. Во моментов, Пешиќ е колумнистка во познатиот сајт Пешчаник.Со своите кратки и содржајни аналитички ставови, таа важи за една од најжестоките борци за демократијата и за најдобар политички аналитичар.

Во продолжение е целосното интервју со Весна Пешиќ.

Госпоѓо Пешиќ, во Македонија на 30 септември ќе се одржи референдум што е поврзан со зачленувањето во НАТО и ЕУ, со промена на името, согласно договорот со Грција?

– Големо е задоволството да се чујат добри вести од Македонија, по повеќе од 20 години, период кога Македонија како кандидат за ЕУ, неможеше да ги отвори и да добие датум за отпочнување на преговорите поради Грција, која тоа го кочеше, што беше поврзано со името. Ова многу долго траеше и мислам дека ваквата состојба било која друга земја би ја уништило. Затоа мислам дека пронајдовте многу добро решение и не гледам зошто ви пречи да се викате Северна Македонија, а притоа сите други елементи да ви се апсолутно македонски- и македонскиот јазик и македонска култура и сето она што е поврзано во доменот на македонскиот идентитет, како и другите атрибути кои се усогласени и признати.

Затоа не гледам навистина каде е проблемот со кој се реши еден таков крупен проблем, да земјата не го има тоа понижувачко име во ОН-Бивша Југословенска Република Македонија (БЈРМ) што беше многу непријатно. Мислам дека е извонредно значајно што благодарејќи на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ова прашање многу добро се реши. Јас навистина не гледам причина зошто граѓаните на Македонија со одушевување не би го поздравиле сето ова, да излезат од кризата и да добијат едно свое релевантно име, со што би го задржале својот идентитет, наместо да се викаат БЈРМ. Ова е навистина смешно!

Мислам дека ова е првата најважна работа. Кога ова прашање веќе е решено, тогаш мислам дека е и нормално да се излезе на референдум. Знаете, ние овдека во Белград, барем оние кое се демократски настроени, никогаш не го подржуваваме Никола Груевски поради тоа што тој над десет години владееше преку еден вид на диктаторски режим. Затоа е добро што Македонија сега е демократизирана и што има нова Влада. Морам да кажам дека јас всушност сум многу завидна и постојано истражувам за тоа како успеа Македонија и СДСМ да добие нова Влада, со само еден пратеник помалку од Груевски и ВМРО ДПМНЕ, да успее да направи коалиција и Влада со албанските партии, кои ионака се во власта, што е еден вид на договор. Знаете, ние овдека во Србија сонуваме за тоа да имаме еден пратеник помалку од Александар Вучиќ. Затоа ова само по себе значеше еден голем успех, бидејќи да не беше ова, Македонија да не успееше преку демократски пат на последните избори да се избори за ваков резултат, сега не би можеле да дојдете до договорот со Грција за името и не би ја имале сегашната состојба. Со демократичноста, вие се изборивте да им овозможите на двајцата разумни политичари -Заев од македонската страна и Ципрас од грчката страна, да седнат и да разговараат се додека не ги решија сите прашања.

Затоа сега состојбата е одлична. Македонија се стабилизира и таа сега е ничива-ниту бугарска, ниту српска, ниту руска, ниту американска…Таа сега е една нормална земја со свое име и со свој идентитет, земја која ќе влезе во НАТО и во ЕУ. Мислам дека сето ова е исклучително позитивно и не гледам причина зошто било кој во Македонија би имал резерва кон еден ваков голем успех, на една мала земја. Ние овдека во Србија можеме само да сонуваме за ваков резултат со кој би ги решиле проблемите, бидејќи Србија не е членка на ЕУ и на НАТО и во кавга сме со сите, името незнам какво ни е, уставот што ни е….Ете јас ви завидувам затоа што Македонија успеа да исплива од сите своите проблеми.

Сето ова долго траеше, но многу добро се заврши и јас ги повикувам сите граѓани на Македонија, за својата земја да направат добар потег и да излезат на референдумот и да гласаат за новото има и за влез во ЕУ и во НАТО.

Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ се уште го нема изнесено ставот за референдумот. Во Македонија има опструкции и повици на бојкот за престојниот референдум?

– Знате, ние сите на Балканот сме многу слични. Сите тие разлики кои постојат, во смисла на тоа дека некои се предавници, некои ја сакаат својата земја, други не ја сакаат својата земја, некои се големи Македонци како што имаме големи Срби, а некои се никакви срби… Сето ова е едно покритие за една голема лага. Таа поделба и таа приказна за тоа кој е голем Македонец, а кој голем Србин…сметам дека сите тие најпрво се коруптивни и дека сите тие си ги наполнија своите џепови. Таа националистичка приказна е само нивно покритие за моќ, за власт и за пари. Затоа неверувам дека оваа поделба треба воопшто да постои. Зарем не сме сите ние рамноправни граѓани на своите земји. Зошто некој би бил голем чувар на Македонија, а некој би бил предавник. Па тоа е потполно смешна поделба. Сите оние што се удираат во градите дека се големи Македонци или големи Срби, гледавме дека сакаат се да стават под свое, да ја зграпчат и полицијата и судството и обвинтелството, да не натераат да живееме во калта, без ниедна институција, а во меѓувреме да можат да прават се што сакаат и да се збогатат….ете тоа е тоа покритие.

Според тоа, бојкотот е глупост. Јас ги повикувам граѓаните да се вразумат, бидејќи тие не се оние кои се награбаа и кои говорат за бојкот. Има тука и чесни луѓе, кои немаат доволно средства за егзистенција, кои се заведени со овие приказни, станувајќи со тоа пред се робови на ваквите глупи идеологии.

Затоа сметам дека не треба да има никаков бојкот, туку Македонија треба да се прослави како една вистинска европска држава и да гласа за демократијата, за влез во ЕУ. Тука не треба да постои никаква дилема, бидејќи ова е една многу голема шанса за Македонија.

Какво е значењето за регионот, за Србија и кој ќе биде ефектот од одржувањето на референдумот што произлезе од Договорот со Грција, за членство во НАТО и во ЕУ?

– Мислам дека референдумот позитивно ќе влијае и на Србија и на регионот. Со референдумот Србија на крајот ќе остане едно дефектно острво, поради своето слепило против кое се борам 40 години, острво обиколено со проевропски и НАТО земји, свртени кон западот и кон либералната демократија, кон економскиот развиток. А сето тоа е бидејќи Србија замислува дека има граници со Русија. Знаете, Русија има големи економски проблеми и е под санкции. Па ние и неможеме да се определиме за Русија. Како да се определам за Русија? Што има таму? Зошто?

Ние сите на Балканот сме европејци и мораме да одиме во ЕУ. Србија влезе во тој проблем. Прво војуваше во Хрватска, па во Босна, па на Косово, па сега го решава Косовскиот проблем од кој неможе да излезе. На сите им е јасно дека Косово стана независна држава и дека може само да се испреговара за тоа како да се почитуваат стандардите на демократијата и малцинските права и да никој никого не угнетува. Сите луѓе да живеат пристојно и да живеат еден крај друг.

Мојата идеја за Балканот е тој биде без граници. Зошто луѓето да чекаат повеќе сати на границите, кога порано бевме иста држава. Дајте тргнете ги тие граници исто како во Шенген. Зоошто воопшто чекаме.

Така и со таа косовска граница. Мене би ми било драго, кога ќе влезам во Косово, да наидам најпрво на србите. Зошто морам да влезам прво во албанско место. Што е тоа што пречи, да таму прво се наиде на срби. Значи, доколку ги тргнеме границите кои се само на мапите, кога ќе се отворат и кога луѓето ќе можат слободно да патуваат без притоа никој да ги запира-тоа е вистинското решение за Балканот.

Според тоа, јас мислам дека Македонија со својот пример и со својот успех кој сигурно ќе се покаже на 30 септември, ќе влијае и врз Србија да се вразуми и да тргне и таа по тој пат.