Весна Бејби-Петрушевска за „Независен“: Бегам од брак, но не од љубов


Весна Бејби-Петрушевска (48), актерка, омилен лик од македонската естрада која сите ги сака и ги гушка. Спонтана, директна, без влакна на јазикот, ќе ти каже сè во лице, но ако треба и ќе те утеши со зборовите: Маме, сè ќе биде во ред.

На 13 март, на матичната сцена во Македонскиот народен театар, нè кани на голем јубилеј – 25 години на театарската сцена со стендап-шоу од 20 часот, со зборовите „Влези, не се соблакај“. Престанала да ги брои улогите, продадените билети како потврда за успехот, одредени кланови кои меѓу себе си разменуваат проекти. Нејзина мисија е да остави траг по кој ќе ја паметиме. Тврди дека театарот е живот и без него не умееме да дишеме. Тој е потврда за еден народ, за едно културно време, за поттик.

По што ќе ги паметиш 25. години на театарската сцена?

– Веројатно по многу непроспиени ноќи, одење на проби после операции, неизмерната љубов и соништата што ги сонувам. Во ниту еден момент не престанав да сонувам.

Дали театарската сцена денес е различна од онаа пред 25 години?

– Ако кажам дека тогаш времињата биле поинакви, ќе звучам како сите мои колеги со кои почнував. Театарскиот израз е поинаков, се служиме со понапредни актерски методи, театарот е сега и тука. Барем ние сме народ кој може навистина да се пофали со талентирана актерска каста. Театарот е живот, но и покрај бремето на нашите животни предизвици тој е причината зошто сме бесмртни, барем за момент.

Зошто јубилејот го одбележуваш со стендап-шоу?

– Затоа што тоа е единствената форма преку која можам да се занимавам само со себе на начин на кој јас сакам. Ако не ги раскажеш сите слабости што се случуваат, тогаш нема смисла да прославуваш јубилеј. Не сум поборник на глорификација на нештата. Секој од нас треба да знае каде му е местото. Вообичаено тоа се заслужува со многу работа и труд. Секако доследноста како нешто без кое не се опстанува на сцена.

Зошто „Влези, не се соблакај“?

– Затоа што јас сите ги гушкам со силна и искрена прегратка. Затоа што се борам против лицемерството кое ни стана ментална хигиена.

Немаш влакно на јазикот ниту во приватниот ниту во професионалниот живот. Кој ќе ти биде тема во стендап-шоуто?

– Најмногу самата јас и сè она што мислам дека треба да го кажам. Малку вистинско соголување за сите нема да ни пречи 90 минути.

Твојата кариера ја одбележа и улогата на Г-ѓа министерка. Во животот со кого се дружеше повеќе – со џентлемени или со министри?

– Искрено, има многу малку џентлемени, министри не познавам многу и не мислам дека сум пропуштила нешто во животот. Сега сите пратеници носат кожени гаќи. Тие се недопирливи и најголеми трошаџии во општеството. На наша сметка нè растурија по сите основи. Не ширам познанства ниту со пратеници.

Во Македонија театарот не може без политика ниту, пак, политиката без театар. Како ти гледаш на тоа?

– Театарот мора да е коментар на општествената состојба. Мора да е хемотерапија на ракот во општеството. Ако тој не се занимава со тоа, тогаш нема никаква смисла постоењето на театарската уметност. Пораката се праќа секоја вечер.

Децата ти пораснаа. На кои животни лекции ги учиш?

– Можеби најтешката, да бидат чесни луѓе. Да бидат хумани и воспитани со луѓето околу себе, да учат за себе и да живеат живот каков што навистина заслужуваат. Ги учам на еднаквости и да препознаваат дискриминација. Да се борат против секаков вид насилство. Сепак, во оваа држава најмалку се зборува за булинг и насилство.

Отвори и актерска школа „Бејби шоу“. Од ќеф или за да оставиш траг по кој ќе те паметат?

– Визија и само визија. Без никакво штедење ниту калкулирање. Мислам дека секој од нас има општествена одговорност да остави нешто зад себе. Можеби е малку тоа што јас ќе го оставам, но знам дека е искрено и со многу љубов.

Дали уште размислуваш за брак?

– Најмалку размислувам на таа тема. Знаеш како, многу би сакала повеќе да размислувам за љубов, но некако на крајот ние одлучуваме што е најважно. Не бегам од моментот дека сум исплашена и недоверлива. На таа тема се чувствувам како срна. Бегам!

Лејла Сабит Фото: Приватна архива