Венчавка на „жолтите елеци“: На протестите сфатиле дека се родени еден за друг


„Жолтите елеци“ веќе подолго време го привлекуваат вниманието на јавноста во Франција и во светот. Овој пат главна вест не се судирите со полицијата, туку дека на протестите се родила нова љубов која завршила со брак.

Откако се запознале, додека го изразувале незадоволството поради најавите за поскапување на горивата, што на крајот предизвика голема политичка криза во владата на претседателот Емануел Макрон, сфатиле дека се создадени еден за друг.

Нивната приказна заврши со венчавка, пишува францускиот весник „Депеш“.

Обајцата „жолти елеци“ со уште десетина пријатели и познаници, кои исто така се припадници на движењето, организираа симболична венчавка во саботата. Свеченоста, како што пренесуваат медиумите во Франција, се одржа на наплатната рампа, меѓу приврзаниците на протестите.

Невестата е облечена во импровизиран жолт фустан, а на главата носи венче од жолто цвеќе. Нејзиниот избраник носи жолти панталони и јакна во истата боја.

Нив ги венчаваше лидерот на локалниот синдикат.

Сепак, за да биде бракот легитимен, парот ќе мора да застане и пред вистински матичар.