Венеција воведува такса за краток престој


Венеција ќе им наплаќа на посетителите такса до 10 евра. Мерката ја одобри италијанската влада, а треба да донесе десетици милиони евра годишно приходи на градот што е вброен во светското наследство. Овие пари веќе се планирани во буџетот за 2019 година, кој беше усвоен овој викенд, по неколкумесечните несогласувања со Брисел.

Венецијанците долго време се жалеа дека патниците кои остануваат само еден ден во градот и патниците со крузери, уживаат во сѐ што лагунскиот град има да понуди, без да платат. А такви се околу 15 милиони туристи, од вкупно 24 милиони кои годишно ја посетуваат Венеција.

Има и такви што носат своја храна, па не трошат ни во баровите, рестораните и кафулињата во градот. Сега тие ќе бидат погодени со новата такса, која најверојатно ќе биде вклучена во цената на автобусот, возот или билетот за бродот, а потоа ќе се префрлува на градските власти. Таксата ќе се движи од 2,5 евра до 10 евра по човек, во зависност од тоа дали туристот доаѓа во ниска или во висока сезона.