Вајгл: Постои реална можност за датум за преговори со ЕУ на лето


Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, во интервју за МИА оценува дека е реална можноста лидерите на ЕУ веќе на лето да дадат зелено светло и датум за преговори за Македонија, потсетувајќи дека ЕП одамна турка за преговорите и решавањето на името да можат да одат во пакет, доколку не се реши спорот со Грција дотогаш.

– Сега треба Европскиот Совет да се изјасни. Верувам дека работата е доволно далеку отидена да не биде доведена во прашање. Се разбира во голема мера тоа зависи и од успехот во преговорите со Грција за името. И тука, преговарачите, и тоа е паметно од нивна страна, не држат во несигурност што се однесува до конкретен договор. Мислам дека во оваа ситуација не е најдобра идеја да се објавуваат пристрасни информации кои внесуваат заблуда. Најдобро е преговарачите да преговаратат во дискреција, истакнува Вајгл.

Посочува дека секогаш како известувач барал и добивал поддршка во ЕП за да се овозможи преговорите со ЕУ да течат паралелно со преговорите за името.

Запрашан дали друга држава членка на ЕУ, освен Грција, би можела да ја блокира Македонија, поради отпор кон проширувањето, известувачот за Македонија вели дека не верува во такво сценарио.

Вајгл подготвува и нова резолуција на Европскиот Парламент за Македонија, во која главните критики ќе се однесуваат на политичкиот дијалог во земја.

– Јас сега кога ја следам политичката атмосфера во Македонија сите се согласуваме дека е подобрена ситуацијата, дека реториката е смирена, меѓутоа се уште има претерани обвинувања, паушални, и од една и од друга страна, така што за Македонија да влезе во една кредибилна фаза на демократија треба да се престане со таа желба со постојано натпреварување. Не е секогаш предизборна атмосфера, не е секогаш предизборно време. Кога ќе се добијат или изгубат избори треба да се каже „еве сега има одговорност тој кој формираше влада“ и да им се даде можност на граѓаните да здивнат и да се опуштат. И до таа точка Македонија се уште не дошла, вели Вајгл во интервју за МИА.

Иво Вајгл ќе дојде во Охрид на 17 и 18 мај за рунда разговори во рамките на процесот Жан Моне, чија цел, меѓу другото, како што вели е „јакнењето на личната емпатија меѓу пратениците“. Целосното интервју со Иво Вајгл, МИА ќе го објави во текот на денов.