Вардар против Монпелје, Стоилов: Знаев дека ќе ни паднат Французи


Тимот на Монпелје е противник на Вардар во полуфиналето од ракометната Лига на шампиони. Во вториот меч ќе играат Нант и ПСЖ. Ова е епилогот од ждрепката што денеска напладне се одржа во Келн, каде ќе се игра Фајнлфорот на 26 и 27 мај. Нашиот тим ја брани титулата освоена лани. На патот кон финалето, Монпелје ги елиминираше Барселона и Фленсбург.

Капитенот Столе Стоилов нис смеа прокоментира дека имал некое чудно чувство дека ќе ни падне француски тим. Тој додаде дека немал некои посебни желби за противникот, бидејќи сите екипи се многу добри.

„Лани не бевме фаворити, но за нас излезе многу добро. Сега го браниме трофејот и чувството е поинакво, имаме поголема обврска и мора да играме како шампиони. Немав очекувања за противникот бидејќи сите се добри екипи. Мислам дека кога си на Ф4, сите имаат 25 отсто шанса за победа. Кажав и лани, ќе повторам и сега, сите имаат шанса за победа“, изјави Стоилов веднаш по жребот.
Саатниците за полуфиналето се 15:15 и 18:00 часот, но подоцна ќе се дознае кој ќе игра прв.