Вардар поразен од Барселона во Скопје


Македонскиот шампион Вардар доживеа пораз вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со 26:30 (9:13) од Барселона во рамките на седмото коло на ракометната Лига на шампиони.
За тимот на Гарсија Парондо ова е втор пораз сезонава во елитното натпреварување, прв на домашен терен.
Пред преполни трибини и одлична атмосфера, „црвено-црните“ одиграа натпревар во подредена улога и поразот беше неизбежен. Барселона уште на стартот изгради предност која домаќините ја бркаа во текот на целиот меч, а на крајот на семафорот покажуваше плус 4 за тимот од Шпанија.
Кај Вардар, Дибиров со шест постигнати погодоци беше најефикасен, додека Дика Мем постигна осум за победниците.
Со денешната победа каталонците излегоа на првата позиција во групата, додека Вардар сега со учинок од пет победи и два порази се наоѓа на четвртото место.
Македонскиот тим наредниот викенд ги очекува нов дуел со Барселона, овојпат на гостински терен.