Вардар го победи Металург


Вардар го победи Металург со 29:33 на гостувањето во Автокоманда во последниот натпревар од Суперлигата.

„Црвено-црните“ ја продолжија доминацијата во домашното првенство и ја оправдаа фаворитската улога на дербито против Металург.

За разлика од првиот натпревар во „Јане Сандански“, кога Вардар ги декласираше гостите од Автокоманда со 18 голови разлика, овојпат Металург во првите 15-тина минути пружаше отпор, дури и минимално водеше (7:6).

Меѓутоа, Вардар не дозволи изненадувања и во преостанатиот дел од натпреварот ја презеде контролата над играта и воспостави предност која во различни осцилации ја одржуваше до крајот на натпреварот.

Со овој натпревар завршува ерата на златната генерација на Вардар, кој минатата година успеа да се искачи на евроскиот трон освојувајќи го трофејот во Лигата на шампиони, а оваа година заврши на четвртото место.

Следната сезона речиси половина од овој состав нема да го гледаме во дресот на македонскиот шампион.

Тренерот Раул Гонзалез ќе го води тимот на ПСЖ, а си заминуваат и Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Жоан Кањелас, Хорхе Македа, Илија Абутовиќ и Мијајло Марсениќ.