Вардарки отпатуваа за Будимпешта по посакуваната титула


Ракометарките на ЖРК Вардар попладнево отпатуваа за Будимпешта на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите.

За вардарки ова е петти настап во низа на завршниот турнир и последен во овој состав, бидејќи на крајот од сезоната странските ракометни ѕвезди го напуштаат македонскиот клуб.

Ракометарките на македонскиот првак одиграа одлична сезона и ова е веројатно единствена шанса со ваков тим да се освои долго посакуваната европска титула.

Од завршниот турнир во најсилното европско женско клупско натпреварување ракометарките на Вардар досега се вратија со еден сребрен и три бронзени медали.

ЖРК Вардар во полуфиналниот натпревар ќе игра против екипата на Ростов Дон во сабота на 12 мај во вечерниот термин од 18 часот во „Ласло Пап“ арената во Будимпешта.

Во другото полуфинале ќе се сретнат актуелниот шампион Ѓер и ЧСМ Букурешт.