Ванчо Петрушевски загинал додека заварувал


Македонскиот актер Ванчо Петрушевски кој почина вчера, загинал додека заварувал на својата викендичка во скопското село Орешани.Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 13.20 часот. Додека работел качен на метална скала со електричен заварувач на пластични цевки, Петрушевски го удрило струен удар и починал на лице место.
Актерот Петрушевски имаше 67 години. Се школувал во Скопје, по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, а неговиот талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје“ од Д. Јовановиќ.
Учествувал во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии и слично. Познат е по своите улоги во Македонски народни приказни. Во 2016 година освои Државна награда 11 Октомври за остварување во областа на уметноста и културата.