Валверде: Интер да не се грижи, излегуваме за победа против Тотенхем


Шпанскиот гигант Барселона го пречекува Тотенхем во натпревар од последното шесто коло во групната фаза на Лигата на шампионите утре.

Дуелот е со протоколарен карактер за каталонците кои веќе си го загарантираа првото место во групата „Б“. Не стојат така работите за „петлите“ од Лондон, кои треба задолжително да победат на „Камп Ноу“ и да се надеваат на грешка на Интер против ПСВ Ајндховен на „Џузепе Меаца“.

Тренерот на Барса, Ернесто Валверде потврди дека планира промени во составот, но увери дека „лос кулес“ нема да пристапат кон средбата несериозно и ќе се стремат кон победа.

– Точно е дека ќе има некои промени утре. Веќе се квалификувавме за следната фаза и ќе дадеме одмор на некои играчи по натпреварот во саботата. Знам дека минатиот викенд Тотенхем остави да одмораат некои играчи, на пример Хари Кејн. Ќе игра ли Лионел Меси? Ќе дознаете по 24 часа. Интер не треба да се грижи. Италијанците треба да го одиграат нивниот натпревар, како ривал да им е Тотенхем. Ние сакаме да победиме, нема сомнеж во тоа, изјави 54-годишниот стратег ден пред натпреварот на „Камп Ноу“.