Бујар Османи за „Независен“: Можно е ДПА да стане дел од Владата


Во интервју за „Независен весник“ вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, ги коментира последните шпекулации околу можното приклучување на ДПА во владата на премиерот Зоран Заев. Османи не ја исклучува можноста ДПА и Мендух Тачи да станат дел од владината структура најавувајќи дека „раката“ на Владата е подадена кон сите партии што сакаат позитивно да придонесат во процесот на реформите што се од исклучителна важност за Македонија.

„Во принцип, Владата работи да се прошири заради политичка стабилност. Но не само за оформување поголемо мнозинство, туку и за креирање консензус за реформите. Сега ние бараме соработка со сите политички партии, и со тие што можеби нема да бидат дел од Владата бидејќи за овие реформи потребна е поголема поддршка, дури ние поради оваа причина испративме покана и до ВМРО-ДПМНЕ и до целата опозиција“, изјави Османи.

Во однос на тенкото парламентарно мнозинство, Османи смета дека политичките партии треба да бидат свесни за историскиот момент во кој се наоѓа Македонија и дека тоа позитивно треба да влијае врз самата опозиција да се врати на работата во законодавниот дом.

„Сега парламентарното мнозинство, иако тесно, сепак е стабилно. Можеби во моментов тоа влијае врз движењето на пратениците знаејќи дека тие имаат агенди и надвор од парламентот. Сепак, ние се надеваме дека по конгресот опозицијата ќе се врати на работата во парламентот и ќе стане дел од процесот. Во последните 25 години, следните шест месеци се историски. Не смееме да дозволиме партиските агенди да станат пречка за овој процес, така што сме оптимисти дека опозицијата ќе се врати и со тоа, кога се во прашање бројките, ќе бидеме порелаксирани и Владата ќе биде постабилна бидејќи од неа оваа година се очекува да испорача конкретни резултати“, објасни Османи.

Околу можноста поради бојкотот на опозицијата или одбивањето да гласа да пропадне амбициозниот владин план 3-6-9, кој ги опфаќа реформите во судството, Османи оценува дека со помош на меѓународниот фактор и за тој пакет реформи партиите ќе постигнат консензус.

„Реално, една третина од реформите се гласаат со квалификувано мнозинство или две третини и можното отсуство на опозицијата ќе го оневозможи нивното гласање. Ние сега сме фокусирани на тоа планот да ги помине сите владини институции и, кога ќе дојде моментот, тие да се гласаат во парламентот. Верувам дека и опозицијата и меѓународниот фактор, поради тежината на консензусот во овој период, ќе помогнат во гласањето на тие закони“, изјави Османи.

Блерим Исмаили