Бушати: Албанија е против корекции на граници и размена на територии


Тирана, 13 август 2018 (МИА) – Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, на попладневната средба со претставниците на политичките партии на Албанците од Прешевската Долина, ставил до знаење дека Албанија не ја поддржува идејата за промена на границите или размена на територии меѓу Косово и Србија.

Во соопштението од средбата јасно се покажува дека официјална Тирана, ја гледа Долината и во иднина како дел од територијата на Србија, за разлика од она што беше кажувано во текот на овој период за нејзина размена со северот на Косово.

Исто така, се нагласува дека министерот Бушати ги уверил соговорниците дека албанската држава, за нив ќе продолжи да бара од Србија да им го даде она што им следува.

– Директна обврска на српските власти е да обезбедат целосно уживање на правата на албанското население во Србија со почитување на ангажманите кои произлегуваат од преговарачкиот процес со ЕУ, како и согласно меѓународните норми. Она што бараме од Србија за вас е да обезбеди, ни повеќе ни помалку, туку онолку колку што права уживаат Србите во Косово, изјавил Бушати.

На средбата посебно станало збор околу косовско-српскиот дијалог, при што министерот Бушати ја истакнал важноста од продолжување на овој дијалог и неговата ориентација на ефективен начин, со целосната имплементација на постигнатите договори и унапредување на интегративните процеси на Косово.

Инаку, Претседателот на Демократската партија на Албанците, Рагми Мустафа и негови колеги од другите политички партии на Албанците од јужниот дел на Србија (Прешевската Долина) предвидено е да се сретнат и со премиерот Еди Рама.