Буфон објави заминување од Јувентус


Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон денеска официјално објави дека в сабота ќе го одигра последниот натпревар за „Старата дама“. 40-годишниот голман сепак не даде категоричен одговор дали тоа ќе биде крај на неговата кариера.

Тој откри дека претседателот на клубот Андреа Ањели, кој седеше заедно до него на денешната прес-конференција, му предложил како да продолжи да игра, така и да започне друга работа во клубот.

-Во сабота ќе биде мојот последен натпревар со Јувентус. Мислам дека тоа ќе биде најсоодветен начин да се збогувам со сите тука. Единственото сигурно е дека во сабота ќе играм. Продолжуваме разговорите со Андреа, кој знае многу добро што се случува околу мене. Пред 15 дена бев сигурен дека престанувам да играм, но сега добив некои предлози кои се возбудливи. Тие се поврзани како со работа на теренот, така и надвор од него. Следната недела, по два-три дена размислување, ќе донесам конечна одлука, изјави Буфон.

Во последните два дена се појавија информации дека Буфон може да заигра во Англија, а претходно се шпекулираше за негов трансфер на американскиот континент.

Конечната одлука околу својата фудбалска иднина Буфон ќе ја донесе следната недела.