Британските пратеници ги одбија амандманите за одлагање на Брегзит до 30 јуни и за нов референдум


Британските пратеници доцна попладнево ги одбија предложените амандмани на Одлуката за одлагање на Брегзит, со кои се бараше утврдување на временски рок на одлагањето, како и распишување нов референдум за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Како што јави Би-Би-Си, Долниот дом на британскиот Парламент со 314 гласови „против“ и 311 „за“ го одби предлог-амандманот на лабуристичката пратеничка Луси Пауел, со кој се предлагаше утврдување временска рамка за одлагање на Брегзит само до 30 јуни.

Претходно, пратениците со 334 гласови „против“ и само 85 „за“, го одбија и предлог-амандманот кој предвидуваше одржување втор референдум за Брегзит.

Пратениците во Вестминстер вечерва треба да гласаат за Одлуката на одлагање на Брегзит, предложена од британската премиерка Тереза Меј. Гласањето за Одлуката за одлагање следи откако вчера пратениците го одбија предлогот за Брегзит без договор, а во вторникот по вторпат не го поддржаа Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.