Британскиот Парламент одобри одлагање на Брегзит


Британските пратеници вечерва со голем мнозинство го одобрија предлогот на Владата на премиерката Тереза Меј за одлагање на истапувањето на Велика Британија од ЕУ за по 29 март.

Како што јави Би-Би-Си, „за“ одлагање на Брегзит се изјаснија 412 пратеници во Долниот дом на Парламентот, а 202 беа „против“.

Врз основа на оваа Одлука, британската Влада сега ќе побара од ЕУ да биде одложено истапувањето на земјата од Унијата за по претходно утврдениот рок – 29 март.

Со Одлуката се предвидува Брегзитот да се одложи до 30 јуни, доколку Долниот дом до 20 март го одобри Договорот за британското истапување од ЕУ, што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

Доколку, пак, до 20 март пратениците и по третпат не го одобрат Договорот, британската Влада ќе бара подолгорочно одлагање на Брегзитот, но ЕУ ќе мора да се согласи со барањето и да ги постави условите за тоа.

Претходно, пратениците ги одбија предложените амандмани на Одлуката за одлагање на Брегзит, со кои се бараше утврдување на временски рок на одлагањето, како и распишување нов референдум за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Долниот дом со 314 гласови „против“ и 311 „за“ го одби предлог-амандманот на лабуристичката пратеничка Луси Пауел, со кој се предлагаше утврдување временска рамка за одлагање на Брегзит само до 30 јуни.

Со 334 гласови „против“ и само 85 „за“, пратениците го одбија и предлог-амандманот кој предвидуваше одржување втор референдум за Брегзит.

Усвојувањето на Одлуката за одлагање на Брегзит, уследи откако вчера пратениците го одбија предлогот за Брегзит без договор, а во вторникот по вторпат не го поддржаа Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ.