Брисел утре ќе ги објави извештаите за прогресот: Препораката за Македонија е напишана


 

Европската комисија утре ќе ги објави извештаите за прогресот на Македонија и другите земји кандидати во Стразбур. Според увидот на „Радио слободна Европа“ (РСЕ) во извештаите, невралгични точки во сите држави од Западен Балкан остануваат владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот. Исто така, ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот „заробени држави“, со забелешка дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување.

Како што пренесува РСЕ, повторно се нагласува дека билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција, и во претходниот период не е постигнат ниту еден резултат во решавање отворени прашања меѓу соседите. Овогодишен „шампион“ ќе биде Албанија, која по повеќе години заостанување ќе добие препорака за отворање пристапни преговори, а чиста препорака ќе биде повторена за Македонија. За Црна Гора се оценува дека е постигнато многу на хартија, но ништо во пракса. Патот на Србија кон ЕУ продолжува да зависи од пристапот кон нормализација на односите со Косово, а БиХ и Косово имаат во изминатата година забавување во реформските процеси.

Во врска со Македонија, во нацрт-извештајот се нагласува дека за понатамошен напредок на државата одлучувачки фактор е задржување и продлабочување на моментумот во процесот на итни реформски приоритети. ЕК изразува подготвеност да го поддржи тој процес со примена на засилен пристап за преговарачките подрачја за судството, основните права и слободи и слободата и безбедноста на државата.

Осврнувајќи се на мерките преземени на полето на миграцијата, во документот се заклучува дека бриселската помош за регионот уште во 2017 година резултирала со намален обем на миграциски бранови до 91 отсто. Се препознава улогата на Србија и на Македонија кои во документот се оквалификувани како доверливи партнери на тоа поле. Но ЕК смета дека постои простор за загриженост кога е во прашање трговијата со луѓе и мигранти.