Брисел ни даде награда за добро однесување: Македонија на чекор до преговори


Европската комисија ја награди вчера Македонија со чиста препорака, но веста едвај предизвика некаква егзалтираност во земјата, иако беше дочекана како позитивна. Фактот дека е десетта, дека само од неа не зависи дали Македонија ќе започне преговори за членство и дека граѓаните се изначекаа – фрли сенка на гордоста што конечно нашата држава беше посочена како успешна од Брисел.

Еврокомесарот Јоханес Хан, кој од вчера е во Скопје, порача дека во Македонија е сторено многу и тоа треба да се пофали и соодветно награди.Пред две години Македонија доби условена препорака за преговори поради лошата состојба на македонската демократија. За премиерот Зоран Заев вчерашниот ден беше еден од оние кога сите граѓани можат да бидат горди бидејќи како што рече „стигнавме до остварување на нашите стратешки цели, односно поблиску до членство на ЕУ и до нејзините економски стандарди“.

-Годинава препораката е кристално чиста и безусловна. Тоа значи дека политичката криза е зад нас, дека ЕУ со внимание ги следи процесите во земјата и сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална држава, рече Заев.Според него, ЕК ни оддала признание дека сме на вистинскиот пат и дека 17 април е голем датум во историјата. Најголемата заслуга им ја припиша на граѓаните, но дел и на опозицијата забележувајќи сепак дека препораката ќе дојдеше и без нејзиното враќање во Собранието.

-Но, тие го направија вистинскиот чекор и покажаа дека има нова политичка кима во Македонија и не се заборавени државните интереси.Затоа ова е успех и на и опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, рече Заев.

Кристално позитивен сепак не беше извештајот на ЕК, бидејќи имаше ред пофалби но и ред забелешки. Во него стои дека земјата конечно ја надминала најсериозната криза од 2001 година, која кулминирала со крвавиот четврток во парламентот. Од тогаш, според Брисел, новата влада презела чекори да се справи со заробеноста на државата, постепено ги вратила механизмите на контрола на институциите, ја зајакнала демократијата и владеењето на правото, и тие фундаментални промени ги направила во транспарентна и инклузивна атмосфера. Притоа се забележува дека парламентот треба да ја засили својата надгледувачка и законодавна функција,покрај другото со лимитирање на скратените постапки во носењето на одлуките. Владата, според Брисел покажала решеност да ја зголеми довербата меѓу етничките заедници, но од друга страна се уште фали политичка определба за гарантирање на професионализмот на јавната администрација, особено при именувањата на повисоките позиции.ЕК забележува придвижување и во судството кое не ја опструира толку како претходно работата на СЈО со забелешка дека процесот на назадување изминатите години сега станува реверзибилен. Околу борбата со корупцијата се оценува дека е видлива но се уште се малку пресудите за случаите на корупција во високите ешалони на државата и дека кај институциите што треба да се борат со неа има структурни и оперативни слабости, покрај тоа што се подложни на политички притисоци. За медиумите се оценува дека работат во подобрена клима, а за името дека треба да се реши како ургентно прашање.

Запрашан како ЕК ќе испорача преговори на Македонија доколку не се реши спорот за името, амбасадорот Семјуел Жбогар одговори:

– Комисијата е охрабрена од разговорите и од преземените мерки за доверба. Преименувањето на аеродромот и на автопатот и преминувањето во втората фаза од ССА беа спомнати како мерки за градење на доверба, меѓутоа преговорите продолжуваат и понатаму. Мора малку да почекаме и да видиме…Мислам дека ќе го преминеме мостот тогаш кога ќе дојдеме до него. Треба да одиме чекор по чекор. Двете земји преговараат за името, ајде да почекаме и да видиме како тие преговори ќе течат со надеж дека ќе донесат резултат.
На барањето пак до Заев да ја прокоментира изјавата на Хан дека е можно спорот да се реши наредните неколку недели, премиерот одговори:
-Верувам дека еврокомесарот е добро информиран и дека навистина има напредок во овој процес поразличен од претходно, што ми дава желба и оптимизам дека наредните неколку недели- може две, може шест- да се најде решение.