Брентон Тарант е еден од напаѓачите во Нов Зеланд, во живо го пренесувал нападот


Еден од напаѓачите во џамии во Нов Зеланд е Брентон Тарант, а медиумите пренесуваат дека тој на својот Фејсбук профил во живо го пренесувал нападот, за кој сам истакнал дека е од терористичка природа.
Видеото кое трае 17 минути, се чини дека е снимано со камера прикачена на кацига, и покажува како тој вози до џамијата, почнува да пука две минути во верниците во џамијата пред да избега од зградата, да појде до автомобилот и да го замени оружјето.
Потоа повторно влегува во џамијата и продолжува да пука, и методично се движи низ објектот. Неколку жртви се гледаат, многумина лежат во агол од џамијата.
По неколку минути тој повторно заминува, влегува во возилото и заминува, зборувајќи си сам на себе.
Инаку, најмалку 49 луѓе се убиени, а околу 50 ранети во пукотниците кои се случија во две џамии во местото Крајстчрч на Нов Зеланд.
Информацијата за тоа ја пренесе премиерката на нов Зеланд, Џасинда Арден.
Таа вели дека овој случај може да се опише само како терористички напад и додаде дека Нов Зеланд го подигна нивото на безбедност на највисоко ниво, пренесе Би-Би-Си.
Арден потврди дека четири лица со екстремистички ставови се во притвор, но дека не биле на листата на сомнителни лица.
Медиумите пренесоа дека полицијата деактивирала неколку импровизирани експлозивни направи кои биле закачени за моторни возила.
„Напаѓачот упадна во џамијата „Масџид Ал Нор“ десетина минути по почетокот на молитвата и отвори оган. Испали десетици, ако не и стотици куршуми. Тој е белец, со руса коса, низок, носсеше шлем и панцир“, вели еден очевидец Ахмад ал-Махмуд.
Сите јавни установи на нов Зеланд се затворени како и џамиите.