Бременост и одбрана


Како одминува времето така се повеќе се потврдуваат претпоставките за тоа во која насока ќе се одвива одбраната на обвинетите од Специјалното јавно обвинителство.
Со „обзнана“ дека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е бремена, настапи нова фаза во стратегија на адвокатите на обвинетите, иако до пред само една недела адвокатите се заложија за изземање на судечките совети, а во една ситуација беше побарано да се изземе и претседателот на скопскиот кривичен суд. Барањата за изземање, адвокатите ги темелеа само врз основа на искажан збор од Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која говорејќи на една телевизија спомена дека во прислишуваните разговори има и(ли) се споменуваат имиња на судии, што, пак, наводно, ја доведува под прашање нивната непристрасност при постапувањето. Несомнено дека зад барањата за изземање се крие некаква стратегија за која, веројатно, и самите знаат дека е исклучиво во насока на пролонгирање на судските постапки и ништо повеќе, но и тоа дека барањата за изземање може да предизвикаат контраефект. Одбраната, по се изгледа, заборави дека единствениот судија кој јавно потврди дека договарал предмет е актуелниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, но тоа не им пречи до него да доставуваат претставки и да поднесуваат жалби.
Адвокатите на Груевски, Јанакиески, Јанкулоска и останатите обвинети побараа изземања на судечките совети во предметите „ТНТ“, „Тенк“, „Транспортер“, „Траекторија“. Како по некое непишано правило ваквите нивни барања беа одбиени, а контраефектот беше почуствуван кога, во два наврата, судењата продолжија до доцна во ноќта.

Иако без намера да се сугерира било што, сепак, останува заклучокот дека речеси секој потег на обраната е предвидлив и повторлив. Имено, пред да дојде „бранот“ на барања за изземања, имаше барања за тонско и видео снимање на секое рочиште. Не е дека адвокатите не знааат какви технички можности има судот на располагање, но барањата си беа доставени и по нив мораше да се одлучува. Всушност, целата стратегија на адвокатите можеше да се насети уште на почетокот на минатото лето кога СЈО почна со поднесување на обвиненија за поранешни државни функционери за криминал и корупција. Тогаш на одбрана и беше битно само тоа нивните клиенти да не завршат во притвор, а кога судиите „Сваровски“ им ја исполнија желбата се пристапи кон барања за укинување на се и сешто. Едно време се пристапи со барања за враќање на пасошите кои, тие, претходно, здушно, ги нудеа како своевидна гаранција дека нивните странки нема да бегаат, а кога се влезе во судница тие започнаа со приговори по поднесените обвиненија, но кога и тие им беа одбиени се оспоруваа вештите лица, кои биле ангажирани од СЈО, со објаснување дека лиценците им биле со изминат рок. Рака на срце имаше и по некое одложување поради болест на обвинет.
Што ќе биде следниот чекор на одбраната може да се насети, но едно е сигурно: не можат сите да бидат бремени!

Љубиша Станковиќ

Текстот е преземен од правосудство.мк