Бремени уште две девојчиња од „25 Мај“


Уште две малолетни девојчиња од ЈУ „25 Мај“ се трудни. Едното ја прекинало бременоста, но второто не сака да абортира и инсистира да го роди бебето, дознава „Независен весник“. Засега уште не е официјално потврдено дали и овие две малолетнички биле злоупотребувани, како што беше случајот со 13-годишното девојче кое ја дигна јавноста на нозе.

Од ниту една институција не информираа дека има и други трудни малолетни девојчиња од истиот дом во кој беше сместена и 13-годишната Р.И. која абортираше пред неколку дена.

Стевчо Соколовски, директорот на установата каде што се згрижени деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, вчера поднесе оставка од морални причини. Од Основното јавно обвинителство и натаму молчат и не одговараат зошто досега не презеле никакво дејствие за да ги санкционираат насилниците, кога уредно ги добивале кривичните пријави од полицијата.

На ужасите во „25 Мај“ како да им нема крај. Вознемирувачките информации од таму говорат за тотално потфрлање на институциите, кои место да се грижат за децата што, или немаат родители или доаѓаат од дисфункционални семејства, се препуштени сами на себе, а сами, слаби и незаштитени се лесна мета за насилниците, криминалците и бездомниците.

Веста за уште две трудни девојчиња од „25 Мај“ ни ја потврдија и од Клиниката за гинекологија, каде што се води бременоста на децата.

„ Едното девојче за кое медиумите веќе пишуваа, како и уште едно друго, се ‘затворени’, односно бременоста им е прекината. Третото девојче има 17 години и не сака да абортира. Навистина, не би сакале да ги жигосаме тие деца со кои судбината грубо си поиграла. Да им ја видите само болката во очите… Од наша страна е направено сѐ прекинот на бременоста да биде изведен најпрофесионално за децата во иднина да немаат репродукциски проблем, кога веќе психолошки се оптоварени“, велат од Клиниката за гинекологија.

Во домовите „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“ се сместени околу 100 деца. Социјалните работници со кои контактиравме даваат спротивни информации што всушност се случува зад затворените врати во Чаир и во Маџари. „Во двата дома има соодветна програма што функционира со години. Децата посетуваат настава, во секое време имаат психо-социјална помош, најадени се, напиени и испрани. Воспитувачите си ја сакаат работата, стручни се и посветени. Но, условите се влошија кога двата дома се споија, машките и женските се измешаа, па се случува да спијат во исти спални, да користат исти тоалети, а не одвоено како порано, и кога во ‘Ранка’ ги сместија и бездомниците. Дел од нив ги уништија креветите, железните кревети ги продаваа како старо железо, им ја јадеа храната на децата и ги малтретираа“, тврдат социјални работници.

Други, пак, алармираат дека ситуацијата во домот „25 Мај“ е многу полоша отколку што се мисли или се знае во јавноста.

„Има постојано обиди за самоубиство, децата си ги сечат вените не можејќи да го издржат сето тоа што им се случува. Речиси секоја втора или трета ноќ доаѓа екипа на Итна помош за да реагира. Има голем број на исчезнувања, никој не води сметка кој и кога излегува, што прави и со кого. Нема контрола кој влегува, па затоа има случаи кога луѓе однадвор слободно си влегуваат и се изживуваат врз штитениците. Кадарот што работи е несоодветен, бидејќи дел од вработените работат нешто за што не се стручни, затоа што беше направена груба прераспределба на администрацијата. Платите на воспитувачите се добри за македонски услови, дури и над просекот, но ретко кој сака да работи во домот, па има недостиг на кадар“, појаснуваат наши соговорници.

Од Министерството за труд и социјална политика вчера одлучија да излезат со соопштение, а не да закажат прес-конференција на која би имале можност да одговорат на сите прашања од интерес за јавноста. Признаваат дека и последниот случај со бременоста на 13-годишното девојче ги покажал сите аномалии на разрушениот систем на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик.

„Евидентна е потребата од подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем, кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик. Во таа насока, Министерството интензивно работи на процесот на деинституционализација. До средината на 2018 година ќе почне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови. Оваа реформа ќе овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и намалување на ризикот од вакви несакани настани“, соопштија од МТСП.

Комисијата што ја формираа утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на 13-годишното девојче. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето.

„Очекуваме МВР И ОЈО да преземат мерки во согласност со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата што ја злоупотребувале малолетната жртва“, потенцираат од Министерството за труд и социјална политика.

Горан Адамовски/Сунчица Стојановска Зоксимовска