Брајан Ино ќе изложува и ќе одржи предавање во Сараево


Британскиот музичар, продуцент и визуелен уметник Брајан Ино ќе постави изложба во Историскиот музеј во Сараево. Изложбата насловена како „77 милиони слики“ ќе биде изложена само во Сараево и никаде на друго место во регионов. Изложбата се отвора на 13 јуни и ќе биде отворена до 29 август.

Брајан Ино е значајно име на светската музичка сцена и иако е познат по неговите албуми и музички соработки, тој има сработено и важни уметнички дела. Најчесто неговата уметност ги испитува технологиите и односите меѓу технологијата и уметноста од визуелен и звучен аспект.

Инсталацијата што ќе биде претставена во Сараево е создадена од рачно сликани стаклени плочи, а освен звучната и визуелната содржина на поставката, овој уметник креираше и опуштен медитативен амбиент во главната хала на Историскиот музеј во Сараево. Освен изложбата, Брајан ќе одржи и предавање.

Мултимедијалната инсталација „77 милиони слики“ ќе биде отворена за посетите токму 77 дена. Имајќи предвид дека Ино претходно не изложувал во регионот, Сараево има причина плус за културен туризам летово.