Бранко Наумовски ќе гласа „за“ договорот


Поранешниот претседател на Уставниот суд и Прв народен правобранител, Бранко Наумоски ќе гласа на престојниот референдум и тоа „за“ договорот со Грција. Во писмо до јавноста, тој вели дека следејќи ги дебатите, обраќањата и изјавите во медиумите на некои професори, политичари, аналитичари, стручњаци и други, не можел да се воздржи, а јавно да не проговори и го изнесе ставот како вршител на повеќе државно-јавни функции.

„Почитувани граѓани, немам дилема и гордо ќе излезам и ќе го дадам мојот глас ‘за’. И јас како и повеќето граѓани не сум најсреќен со некои од одредбите на договорот со Грција, но имајќи ги предвид нашите маки и проблеми, економски, безбедносни и политички и други турбуленции, во изминатиов период од осамостојувањето до денес, најодговорно тврдам дека ова е единствено најоптимално и најрационално решение за иднината на нашата држава, а тоа се евро-атланските интеграции. Во оваа прилика сакам да ги повикам сите оние манипулатори, дезинфоматори, квазиполитичари и квазипатриоти и разно разни стручњаци и квазианалитичари, кои од лукративни и клиентелистички побуди станаа политичари, аналитичари и стручњаци, да престанат да ги манипулираат и дезинформираат граѓаните со повик за бојкот, под превезот дека договорот е штетен и манипулантски. И еднаш барем, наместо за свои и туѓи интереси, нека направат нешто за нашата држава“, повика Наумоски.