Бразил во шок по трагедијата во кампот на Фламенго


Две години по трагедијата со урнатиот авион со кој се превезуваше екипата на Шапекоенсе (загина 71 лице), Бразил во нов шок. Пожар проголта десет млади животи во тренинг кампот на Фламенго. Немилиот настан се случи вчераутро по пет часот по средноевропско време. Огнот избил во спалните во комплексот на еден од најголемите бразилски клубови. Шестмина од жртви се фудбалери на возраст од 14 до 17 години, останатите четворица се вработени во центарот „Нињо де Урубу“. Други тројца тинејџери, пак, го избегнаа најлошото во последен момент благодарение на брзата интервенција на пожарникарите. Од инцидентот излегоа со тешки повреди и сите се хоспитализирани во Рио де Жанеиро. Истрагата за причините за пожарот е во тек.
Фламенго е еден од најпознатите бразилски тимови на меѓународната сцена. Моментно е втор во тамошната Серија А, натпреварување што го освојуваше пет пати во клупската историја. Легендарниот Пеле во една прилика го опиша клубот како „место за остварување соништата на младите“.
„Многу тажен ден за бразилскиот фудбал“, напиша Пеле на Твитер.
Сочувство за, како што ја нарече „ужасната трагедија“, изрази и Роналдињо. Пораката ја илустрира со клупскиот грб во црно-бела боја.

Бурите и обилните дождови како можна причина за трагедијата

Според порталот „Г1“, огнот избил вчераутро околу 05,10 часот и бил изгаснат за дваесет минути. Но, штетата, се чини, било невозможно да се избегне со оглед дека младинските на Фламенго во тоа време биле во длабок сон. Во текот на вчерашниот ден не беше идентификувано ниту едно момче, но нивните преживеани другари за бразилските медиуми истакнаа дека сите биле на возраст меѓу 14 и 16 години. Едно од трите повредени момчиња има 15 години, се здобиле со многу изгореници по телото и префрлено е на болнички третман и нега.
Порталот нагласува дека областа во која се наоѓа младинскиот тренинг камп на Фламенго во последните денови неколкупати била погодена од бури проследени со обилни врнежи од дожд, па медиумот не исклучува можност објектот да бил без вода и струја во моментот на несреќата.

Во погоните на Фламенго се „произведени“ Зико, Роналдињо, Бебето, Ромарио

Фламенго, исто така, е еден од бразилските фудбалски клубови кој може да се пофали со бројна армија на навивачи. Истражување од април лани покажа дека дурти 32,5 милиони Бразилци се фанови на тимот од Рио де Жанеиро. Има четири шампионски титули во земјата на „кариоките“ и во Копа Либертадорес (јужноамериканска верзија на европската Лига на шампиони) во 80-тите години од минатиот век.
Во погоните на Фламенго е „произведен“ и еден од најголемите бразилски фудбалери на сите времиња – Артур Антуњес Коимбра Зико кој не успеа со националниот тим до титулата на СП 1982.
Клубот е особено горд на својата младинска академија што по традиција вади играчи што подоцна достигнуваат светска класа. Мотото на кампот е „ние дома ги правиме нашите ѕвезди“, порака што дополнително трогнува по вчерашниот пожар.

Тренинг камп насловен како „Гнездо на грабливци“

Клубот е расадник на таленти кои оставија длабока трага во светскиот фудбал како Роналдињо, Ромарио, Бебето. Но, еден од најуспешните бразилски клубови не е осамен. Функционира како спортско друштво во чии рамки има екипи во веслање, во одбојка, во кошарка и во пливање.
Тренинг центарот носи име „Нињо де Урубу“ што во превод знали „Гнездо на грабливци“. Комплексот беше реновиран во 2018 година за што од клупската каса се издвоија 23 милиони бразилски реали или 6,2 милиони евра. Во него ги има сите неопходни содржини за комфорен престој на младите играчи вклучувајќи аква парк, неколку тревници, сала за вежбање, медицински центар и мини стадион.
Еден од момчињата што произлезе од академијата на Фламенго, а сега чука на портите на сениорскиот тим на Реал Мадрид е Винисиус Жуниор, кој вчера на Твитер напиша:
„Колку тажна вест. Се молам за секој од вас. Издржете, издржете, издржете“.