„Бојкотирам“ се шири, кампањата се заострува


Кампусот кој се залага за бојкот на референдумот се шири. Додека премиерот Зоран Заев и дел од владиниот состав го почнаа својот годишен одмор, претставници на триесетина невладини организации, политички субјекти, патриотски здруженија, иницијативи од земјава и дијаспората, се обединија почнувајќи кампања под слоганот „Македонија бојкотира“. Ова се случи само три дена откако дел од нив учествуваа во режијата на најсрамното чествување на најголемиот македонски празник на Мечкин Камен.
Христијанско братство, Македониум, Аманет 1903, Трета партија на Македонците, Тврдокорните, ВМРО-ДПМНЕ – Демократска фракција…, под диригентската палка на Јанко Бачев, лидер на проруската партија Единствена Македонија, потпишаа меморандум за стратегиска соработка. Ќе биде формиран и кризен штаб преку кој ќе се води јавна пропаганда, ќе се врши агитација и мотивација граѓаните да не излезат и да го кажат својот став во однос на договорот со Грција. Референдумот го оквалификуваа како „геноциден проект“ врз македонски народ. Убедени се дека преку оваа соработка нивната мисија да се подигне националната свест ќе биде успешна и дека ќе го одбранат името и суверенитетот на земјата.
„Ова е голем ден за Македонија бидејќи се случува едно семакедонско обединување“, истакна Бачев. Според него, граѓаните на Македонија се наоѓаат пред најголемиот предизвик да го одбранат името на државата.
„Сакаат да го уништат вечното македонско име и идентитетот, јазикот и културата, со еден збор – сакаат да нè избришат од светската мапа на нации. Тоа нема да им го дозволиме“, рече Бачев.
Дел од членовите на движењето „Бојкотирам“, пак, на социјалните мрежи реагираа дека отпорот кон промената на името се прикажува како проруска политика со што се фрла дамка на искреноста на иницијативата.
Референдумот како механизам на непосредната демократија е од суштинско значење за евроатлантскиот пат на земјата, клучна детерминанта за натамошните политички процеси. Опозицијата, соочена со внатрешно засега притаено разногласие, и натаму не се изјаснува дали ќе го поддржи или ќе го бојкотира референдумот. Премиерот Зоран Заев во интервју за 1ТВ откри дека му понудил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, учество во влада за да се истурка референдумот. Им испратил, како што рече, покана да влезат во извршната власт додека земјата не стане полноправна членка на НАТО, до крајот на 2019, почетокот на 2020 година кога би требало да почнат и преговорите со ЕУ. „Но, готово е тоа сега, го одбија предлогот“, ќе рече Заев, кој тврди дека главната цел на опозицијата била амнестијата на обвинетите во случаите на СЈО.
Преку социјалните мрежи лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, порача дека разните „неформални понуди, кулоарски муабети, ноншалатни математички пресметки за учество во влада која треба да го донесе и реализира договорот со Грција“, ги смета за „непристоен предлог, надвор од моите морални принципи“.
„Суштината е дека учеството или неучеството во таква една влада нема да го направи договорот, кој некој друг го договараше и преговараше, подобар или помалку штетен за Македонија“, вели Мицкоски.
Според повеќето неофицијални информации, како што објави „Независен весник“, голема е веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да не се изјасни за бојкот, туку да упати апел до своите поддржувачи да постапат по сопствено убедување.
Филип Петровски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, која вчера го потпиша меморандумот на повеќе организации за бојкот на референдумот, рече дека премиерот Заев се обидува да го вовлече ВМРО-ДПМНЕ да му направи цензус на референдумот и дека тоа нема да се дозволи. Организацијата „Христајанско братство“, која исто така е дел од групацијата што се залага за бојкот, ја обвини опозицијата дека сака да го поддржи референдумот и дека затоа добиле покана за да влезат во власта, упатувајќи притоа заканувачка порака.
„Не играјте си со Македонија и народот. Ако сака некој да си го менува името и презимето може дома, а не на моето семејство“, рече Жарко Гроздановски од „Христијанско братство“ на потпишувањето на меморандумот за бојкот.
Кампањата за референдумот практично е отпочната, а случувањата и запаливата реторика во илинденските говори, според политичките посматрачи неформално го најавија нејзиниот тек. Според сè она што можеше досега да се слушне, таа ќе биде сурова со вознемирувачки глетки, напади, закани, обвинувања, етикетирања… Тие предупредуваат дека национализмот добива апсолутна предност.
Според Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“, успехот или неуспехот на референдумот зависи и од тоа колку институциите и државата ќе обезбедат демократски и фер услови за непречено одвивање на процесот. „Не е тешко да се разбере дека стравот и нефункционирањето на институциите може да бидат погубни по изборните процеси. Слободата на гласачите веќе сега е загрозена со црната кампања и насилствата што се случија. Прославата на големиот празник Илинден покажа дека на мета не е само референдумот, туку фундаментите на Македонија, колку и да сака некој да прикаже нешто друго“, вели Дерала.
Може да не сакаат да гласаат на референдумот или да сакаат да гласаат против, сето тоа може да го спориме или одобруваме, да дебатираме, па и да се караме, додава тој, но неприфатливо е правосудството да остане пасивно кога некој секојдневно го крши Кривичниот законик по многу основи.
Наум Котевски