Бојаџи за премиерата на „Ругање со Христос“: Ќе бидам како гостин на сопствена свадба


Македонскиот филм „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи утре ќе ја има премиерата на домашен терен во кино Милениум во рамките на фестивалот „Киненова“. Беше неизвесно дали воопшто ќе се случи македонска премиера на филмот, поради сите реакции кои ги предизвика трејлерот на филмот и, според авторот побарано било да биде повлечен или премонтиран.

Недоразбирањата не стивнуваат, па новата ситуација е околу влезниците за самата премиера. Организаторите на фестивалот „Киненова“ и МКЦ која е институција надлежна за кино Милениум се одговориле дека организаторите ќе добијат по 10 влезници за секоја проекција, а останатите влезници ќе бидат пуштени во продажба. За овој филм влезниците чинат 100 денари.

Режисерот Јани Бојаџи соопшти дека тој и остатокот од филмската екипа треба да си купат сами влезници доколку сакаат да присуствуваат на премиерно прикажување. Бојаџи вели дека ова е исто како тој да прави свадба, а во исто време да биде гостин.

– Се чувствувам збунет и не знам јас како ќе отидам на сопствената премиера на филмот. Доколку има влезници сè уште во киното, ќе си купиме. Не знам како да го наречам ова освен најдолен примитивизам. Немаат ниту стомак ниту ум да издржат некого друг во оваа земја. Веќе се смешни и патетични – рече Бојаџи и додаде дека можеби ова прикажување на неговиот филм ќе биде и единственото во Македонија, поради што и другите приватни кина во земјава се плашат да го емитуваат неговиот филм.

Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот „Киненова“ рече дека во минатите изданија на фестивалот имале партнерски договор со МКЦ и добивале повеќе влезници, особено за отворањето на фестивалот.

– Добивме само по 10 за секоја проекција. Минатите години имавме можност да подигнеме повеќе билети за екипата на фестивалот, а сега ќе треба да ги откупиме, бидејќи само членовите на жирито и специјалните гости се повеќе од седум лица – рече Јовановиќ и додаде дека ваквиот договор е направен неколку дена пред почнување на фестивалот.

Директорот на МКЦ, Русе Арсов вели дека беспотребно се прави сензација и дека некој врз грбот на МКЦ сака да си тера свои правдини.

-МКЦ со организаторот на фестивалот Киненова има потпишано Договор за одстапување на просторот (двете кино сали: Фросина и Милениум), Договор во кои се наведени правата и обврските на двете договорни страни, но и во кој може да се види дека МКЦ нема никаков увид во селекцијата, уредништвото и програмирањето на фестивалот. Па оттаму и не знаеме како само еден филм од програмата треба наеднаш да е предмет на различно толкување и отстапки од веќе потпишаниот Договор?“, вели Арсов и додава дека како инсититуција МКЦ, немаат организациска, правна или програмска релација со филмот на Бојаџи, ниту опак имаат такво овластување.

– Сметаме дека е чесно Јани Бојаџи јавно да се извини за својот превид, а воедно и очекуваме организаторот на фестивалот да го стори истото, посебно што истиот тој фестивал е исто така поддржан од јавни средства а тоа за нас подразбира заедничко позитивно и квалитетно делување во културата во нашата земја – вели Арсов.

„Ругање со Христос“ е меѓу осумте филмови во официјалната селекција на овој фестивал кој е посветен на дебитантскиот филм. Бил избран зашто го исполнува критериумот да е дебитантски и поради заложбата на „Киненова“ да има и македонски дебитантски филм во програмата.

На првата прес-конференција пред една недела, Јовановиќ рече дека го селектирале пред реакцијата од Министерството за култура кое филмот го оцени како скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот. Филмот освои награда во Монтреал, селектиран е и за Торонто, во Македонија не е прикажан досега и е достапен само трејлерот.

Ивана Настеска

фото: Борис Грданоски