Бошњаковски: Заев испрати замолница до Вартоломеј, не е барано бришење на зборот „македонска“


Премиерот Зоран Заев има испратено замолница до вселенскиот патријарх Вартоломеј за решавање на долгогодишното црковно прашање и во неа не е побарано бришење на зборот „македонска“, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Ова, потенцираше, е еден вид придонес што сметаме дека треба да биде даден кон решавање на овој долгогодишен црковен проблем.

Сите останати информации Бошњаковски упати да се побараат од МПЦ -Охридска архиепископија.

Портпаролот не изнесе нови информации  во однос на разговорите за спорот за името и побара трпение до завршување на телефонскиот разговор кој следи меѓу премиерите Заев и Алексис Ципрас по која  вети дека ќе излезат со посуштински и детални информации околу тоа што ќе се случува во наредниот период.

– Не би коментирале натамошен развој на целата ситуација  околу преговорите за името кои се случуваат односно финализацијата која  е во тек. Да почекаме уште малку,  Иванов ќе ги добие сите информации, како што кажа и  премиерот вчера, следува процес што би требало да не довде до конечно решение и до излегување од 25-годишна дупка во која сме вовлечени како држава, рече Бошњаковски,  во одговор на новинарско прашање за ставот на Владата по вчерашното соопштение од  претседателот Иванов дека не прифаќа ерга-омнес за решавање на спорот.

Прашан за коментар на вчера објавените резултатите од анкетата во која премиерот за неговата работа од граѓаните доби оценка 2,78, портпаролот рече дека не си дозволуваат да коментираат анкети во кои граѓаните го  дале својот збор, но оти ќе работат на подобрување на перформансите.

– Единствени валидни моменти  во однос на политиките на Владата се оние кои се случуваат на изборите. Се разбира дека анкетите се важни, ги имаме земено предвид сите информации од анкетата и во наредниот период, верувајте дека ќе ги подобриме перформансите, рече Бошњаковски, на редованата прес-конференција по владината седница.