Бошкоски од судот побара адвокатите да му поставуваат нормални прашања


По паузата судското рочиште за „Тортура“ продолжи со вкрстено испрашување на оштетениот Љубе Бошкоски од страна на адвокатите на обвинетите.

Адвокатот Љупчо Шврговски го праша Бошкоски дали како поранешен министер за внатрешни работи ја има прочитано уредбата за апсење осомничени за кривично дело.

Бошкоски, пак, на ова му одговори на Шврговски со контра прашање, дали тој како поранешен државен јавен обвинител ја знаел наредбата за апсење. Оштетениот Бошкоски побара од Судот да му поставуваат нормални прашања.

Пред да почне вкрстеното испрашување, адвокатот Шврговски од судот побара Бошкоски, покрај вкрстеното, на следното рочиште да биде и директно испрашан.

На ова барање се спротивставија обвинителите и адвокатот на Бошкоски, Константин Картовалиев, кој од судот побара да се имаат во предвид правата на жртвата, затоа што овој предмет има сублимација на личноста жртва – сведок.

Судијката Александра Ристеска рече дека во овој момент нема да одлучи по барањето и го продолжи рочиштето со вкрстено испитување од адвокатот на обвинетите.