Бостон ја нанижа 13. победа во НБА лигата


Кошаркарите на Бостон ја прославија и 13. победа во низа во НБА лигата. Селтикси овојпат славеа на гостувањето кај Бруклин со 109:102. Нивни предводник беше Кајри Ирвинг со 25 поени, дабл-дабл ефект (21 поен/10 скока) постигна Маркус Морис. Прв стрелец во поразената екипа беше Џо Херис со 19 коша.

Торонто го доби шутерското шоу со Хјустон со 129:113. На висина на задачата кај репторси беа Демар Дерозан со 27 коша, шест скока и пет асистенции и Кајл Лоури со 19 поени и 10 асистенции.

Сан Антонио и Далас се единствените екипи кои не успеаја да ја пробијат границата од 100 коша. Спарси триумфираа со 97:91 благодарение на одличното издание на Ламаркус Олдриџ кој даде 32 коша во јубилејната 500 гостинска победа во тренерската кариера на Грег Попович. Најефикасен меѓу маверикси беше Денис Смит Џуниор со 27 поени.

НБА лига, резултати: Бруклин – Бостон 102:109, Хјустон – Торонто 113:129, Далас – Сан Антонио 91:97.