„Бомбите“ се слушаа на рочиштето за „Топлик“


На денешното рочиште за „Топлик“ во Кривичниот суд се слушаа 11 прислушувани разговори во врска со овој предмет.

Одбрана на Миле Јанакиески побaра јавноста да се исклучи, но судијата Осман Шабани го одби приговорот, велејќи дека со нивното објавување нема да се наруши приватноста на обвинетите.

Во предметот на СЈО „Топлик“ осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.

Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Следното рочиште е закажано за 11 мај, кога одбраната ќе го каже своето видување за прислушуваните разговори.