Бомбата најдена кај американски дипломат на аеродром во Москва била без експлозив


Портпаролот на Стејт департментот изјави дека гранатата која била пронајдена на московскиот аеродром Шереметјево во багажот на вработен во американската Амбасада не била опасна.

– Запознаени сме со инцидентот кој се случи вчера на аеродромот Шереметјево во Москва во кој учествувал службеник на американската Амбасада, рекол портпарол на Стејт департментот.

Тој потврди дека „ситуацијата е решена“ и оти на човекот му било дозволено да ја напушти Русија откако властите му го одземале предметот.

– Патниците не биле во опасност, заклучи тој.

Службеник во американската Амбасада во Москва вчера се обидел да влезе во аеродромот Шереметјево носејќи бомба со осигурувач во багажот, но без експлозив.

– Аеродромскиот персонал го скенирал багажот на службеникот во Амбасадата на САД и откриле предмет кој изгледал како бомба, изјави извор од руското Министерство за надворешни работи.

Потоа биле повикани техничари кои потврдиле дека е бомба со осигурувач но без експлозив, иако во телото на бомбата имало траги од експлозив.

Аеродромската полиција веднаш ја известила американската Амбасада за инцидентот.

Службеникот изјавил дека си заминува од Русија затоа што му завршил мандатот во американската Амбасада и тврдел дека бомбата ја купил за своја лична колекција. Бомбата му била одземена, а тој заминал за Њујорк.