Болни поради времето


Наглите промени во временските услови, какви што имаме сега, предизвикуваат тешкотии за луѓето со кардиолошки и со пулмолошки проблеми. Падот на атмосферскиот притисок предизвикува намалување на количината на кислород во организмот, а со тоа и во срцевиот мускул и во мозокот. Наглото затоплување, па нагло заладување, при што температурата осцилира и за околу 10 Целзиусови степени, многу влијае врз здравјето. Предизвикува вртоглавици, главоболки, болки во коските и во зглобовите. Лекарите предупредуваат дека особено треба да внимаваат луѓето со болести на срцето, крвните садови и на белите дробови.

Кога ќе залади, најмногу повици во Итната помош има од пациенти со срцеви проблеми. Тие се жалат на болка во градите. Зголемената влажност и ветерот се лоши и за болестите на кожата. Во вакви денови, хронично болните можат да бидат уморни и безволни, деконцентрирани, додека луѓето со низок притисок ќе се чувствуваат поспани и забавени.

Стручњаците велат дека во зависност од временските услови, има 13 групи на луѓе кои се прилично осетливи. Најизразени тегоби имаат ревматичарите, астматичарите, срцевите болни со ангина пекторис и висок притисок, луѓето со чир на 12-палачно црево или на желудник, и болните од психички заболувања, особено од психоза. На пример, астматичарите чувствуваат и реагираат од 3 до 48 часа пред да се случи промена на времето. Страдаат и малите деца, чиј организам уште не е приспособен на надворешните услови, како трудните и жените во менопауза. Кај постарите луѓе, тешкотиите се изразени кај тие со остеопороза и со ревматска болест.

Физиолошки, временските промени се стрес на кој организмот се обидува да се приспособи. Притоа, телото на здрав и на болен човек реагира различно. Во такви денови, треба да се почитува едноставното златно правило – умереност. Треба да се ограничи физичката активност, да не се претерува со храна, особено не со масна и со солена храна.