Боларис: Не постои дискусија за размена на споменици


Информациите и шпекулациите во грчките медиуми од последните 24 часа за можна размена на споменици меѓу Северна Македонија и Грција ги демантира заменикот шеф на грчката дипломатија, Маркос Боларис, во интервју за радиото „Њуз247“, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик министерот за надворешни работи на Грција, потенцира дека во земјата во изминатиот период се шират и многу лажни вести и истакна дека за сето ова потребна е голема сериозност.

-Во мојата перцепција никогаш не падна таква вест, таква дискусија за размена. Она што сакам да кажам е дека во последните четири, пет, шест месеци, континуирано гледав на интернет, многу пати дури и во весници и во централни изданија на вести, неверојатни лаги, лажни вести (fake news), рече Боларис и објасни дека вакви лажни вести во Грција имало во врска со ревизијата на учебниците, на која работи заедничкиот комитет од двете земји.

Заменикот шеф на грчката дипломатија, кој воедно се наоѓа на чело на грчка страна во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти на Северна Македонија и Грција, вели дека од новата учебна година треба да се отстранат иредентистичките наводи од учебниците.

-Договорот од Преспа ги обврзува страните, учебниците и наставниот материјал, од новата учебна година да немаат никаков иредентистички или ревизионистички став, вели Боларис и додава дека во учебниците во Грција, како земја членка на ЕУ, не постојат такви позиции.