Богоески: Бугарија има историска одговорност да ѝ помогне на Македонија


Петар Богоески од реформското крило на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за бугарската агенција БГНЕС вели дека односите меѓу Македонија и Бугарија имаат само една алтернатива, а тоа е развој на партнерство и пријателство.
Тој за бугарската новинска агенција вели дека Бугарија има историска улога и одговорност да ѝ помогне на Македонија директно на патот кон НАТО и ЕУ. Во овој поглед, додава Богоески, неодамнешните настани не се значајни и не претставуваат враќање кон старите проблеми.
„Договорот за добрососедство создаде некои предуслови за започнување нова ера на добри односи, но непријателите на евроатлантска Македонија се обидуваат да ги поткопаат овие позитивни процеси. Во таа смисла, клучна улога одигра директната интервенција на Русија во односите меѓу македонската држава и црква и бугарската држава и црква. Тоа почна со одлуката на Синодот на БПЦ да ги замрзне односите со МПЦ, под влијание на истиот центар на моќ.
Денес сме сведоци дека политичари од Бугарија, кои се под влијание на Истокот, инсистираат да создаваат проблем таму каде што ги нема, со една цел – да ја исполнат задачата на своите наредбодавци да ја спречат Македонија да влезе во НАТО преку нарушување на добрососедските односи меѓу двете земји.
Наместо да се спроведува Договорот на дело, се враќа реториката од минатото, која никогаш не донела ништо добро – ниту во Македонија ниту во Бугарија.
Се обраќам кон разумот на помладата генерација Македонци и Бугари, кои сакаат да живеат заедно, сплотени во рамките на обединета Европа.
Политичарите што им служат на стереотипите од минатото да престанат со обидите да ни ја сечат гранката на заедничката иднина на нас младите генерации“, вели Богоески за БГНЕС.