Богоев ќе го продава џипот на Јакимовски за да купи камионче
Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев одлучи да го продаде џипот AUDI Q7 вреден околу 60.000 евра кој го наследи од неговиот претходник Стевчо Јакимовски. Со парите од џипот планира да купи камионче за транспорт на шут и собрани лисја. Новиот градоначалник на Карпош смета оти нема потреба од такво службено возило.
„Тоа за мене е луксуз, реално немаме потреба од џип во службениот возен парк. Истото важи и за комбето ‘SANG YONG’. Според мои сознанија, претходното раководство го користело комбето не за свои потреби, туку го возеле лица од КК ‘Соколи’ што за мене е апсолутно недозволиво. Па така, и тоа комбе ќе го продаваме“, вели Богоев.
Одлуката за продажба на возилата денеска се очекува да биде одобрена и од мнозинството на Советот на Општина Карпош. Истовремено, тие ќе треба да одлучат да се продадат и едно „Југо“, „Фиеста“ и „Волво“. Тие возила биле веќе амортизирани и трошоците за нив биле доста големи. Богоев проценил дека подобро е тие да се продадат отколку постојано да се сервисираат.
Сите возила Општината ќе ги продава на јавно наддавање. Колкава ќе биде нивната почетна цена, допрва ќе се утврдува.
„Процедурата налага прво одлука за продажба да донесе Советот, потоа да ангажираме проценители кои ќе ја утврдат почетната цена за јавното наддавање на колите“, објаснува Богоев. Во секој случај, вели, очекува интерес за купување на возилата, како и солидна сума која Општината ќе ја собере од продажбата. (Д.Т.Д.)