Богов најавен а не дојде на берзанската конференција во Охрид


Годинава на Македонската берза се истргувани акции и обврзници во вредност од 82 милиони евра. За споредба, за цела година лани, берзанскиот промет е 77 милиони евра. Ова е најдобар квартал во последната деценија, рече Иван Штериев, извршниот директор на Македонската берза, на отворањето на годишната конференција на Берзата.

„Сепак, овие показатели не значат дека треба да ставиме розови очила бидејќи тие ќе ни го заматат погледот, особено во далечина. Сё уште има бројни проблеми на пазарот на капитал, се тргува со исти финансиски инструменти, компаниите не го гледаат развојот преку овој пазар, учеството на странците во прометот е извонредно ниско, нема јавни понуди и нови котации“, укажа Штериев.

За министерот за финансии Драган Тевдовски, заживувањето на Берзата е добар сигнал за економијата.

„Довербата во македонската економија се враќа. Тоа го покажува огромниот интерес на инвеститорите за еврообврзницата издадена на почетокот на годината со истористи најниска камата, но и 30 годишната обврзница од минатата недела. Прв пат влегоа странски инвеститори на домашниот пазар“, рече Тевдовски, додавајќи дека очекува политичката стабилизација и позитивните движења кон евроатланските интеграции уште повеќе да го стимулираат растот на економијата. Но, ексминистерот и професор Трајко Славески, не го подели неговото мислење.

„Не сум сигурен дека таквите очекувања ќе се остварат сега. Јас сум песимист дека наскоро ќе станеме членка на НАТО. Затоа треба да се потпреме на домашните ресурси и тука да го бараме излезот“, кажа во панел-дискусијата Славески.

На берзанската конференција, иако беше најавен, не дојде актуелниот гувернер Димитар Богов. Но, тука беше еден од оние чие што име се спомнува за иден гувернер- Фатмир Бесими, кој во моментов е советник на премиерот.

„Нема една вистина дали е подобро да се дава државна помош на странски или домашни инвеститори. Странските директни инвестиции имаат исклучително значење за развојот на економијата, носат нови технологии и нови пазари. Клучот е тие да се поврзат со домашните фирми. Тоа не е едноставно, зашто странските инвеститори доаѓаат со свои добавувачи“, кажа Бесими, додавајќи дека дизајнирањето на индустриската политика со избор на сектори кои би се субвенционирале е покомплексен и поризичен зафат.

Хрватските искуства во делот на државната помош ги презентираше Здеслав Шантиќ, главен економист на ОТП банка, укажувајќи дека ЕУ не е решение туку само инструмент за побрз економски развој.

„Колку ќе успеете зависи од тоа колку сте подготвени за промени. Хрватска вложи 3-4 милијарди евра во бродоградилишта, а потоа се покажа дека нема одржливост. Не треба да се плашите од длабински реструктурирања“, нагласи Шантиќ.