Богданов: Време е за третата генерација на ВМРО-ДПМНЕ


Костадин Богданов од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на партијата, смета дека некој што десетина години се залагал за референдум околу договореното за името не смее сега да се затскрива зад народот. Тој објаснува дека доколку некој е против не е патриотски да седи дома и да им остави простор на пратениците да решат за неговата судбина. Во интервјуто за „Независен“ порачува дека Мицкоски не му е продолжена рака на Груевски и оти време е за третата генерација на ВМРО-ДПМНЕ.
По „војната“ што ја започнавте со старото раководство предводено од Никола Груевски, изгледаше дека експресно најдовте заеднички јазик со новиот лидер Христијан Мицкоски. Дали тоа беше заблуда кога ќе се видат размерите на разрешувањата на функционерите што воглавно се поврзуваат со реформаторското крило?
– Искрено, верувам дека не е. Сметам дека претседателот Мицкоски е свесен дека партијата нема друга алтернатива освен да се развива како вистинска демократска и проевропска партија, нешто што е јасно зацртано и во самите основачки акти на партијата. Впрочем, како што и тој самиот изјави во неколку наврати, времето на транзициските политичари е минато. Време е за третата генерација на ВМРО ДПМНЕ. Не смееме да дозволиме да ги повториме грешките на претходните генерации, особено не во делот на внатрепартиското дејствување и одлучување. Не смееме да бегаме од решавање на клучните проблеми за државата и да се затскриваме зад „народот“. Не смееме да шириме поделби помеѓу граѓаните на предавници и патриоти. Не смееме да ги девалвираме државните институции, а преку тоа и државата. Тоа е во сржта на идеологијата на модерните народни партии во Европа по која треба да се развива и нашата партија од страна на третата генерација. Свесен сум дека партијата е како политички танкер, на кој му треба повеќе време за да го промени курсот и правецот на движење кога е во фаза на реформа. Но, за жал, времето брзо тече, а во меѓувреме се случуваат и некои потези кои одново нè враќаат во старите води. Сепак, јас сум оптимист и верувам во светлата иднина на партијата.
(Остатотокот од интервјуто ќе го објавиме во петочното издание на „Независен весник“)
Горан Адамовски