Блумберг: Путин се залага за руски интернет


Русија- Рускиот претседател Владимир Путин го поддржува предлог-законот наречен „Суверен интернет“, со кој би се поставиле темелите на руски интернет, односно целокупниот сообраќај во рускиот кибер простор би бил контролиран од главен контролен центар, објави Блумберг.

На тој начин би можеле да се блокираат или цензурираат „непослушните“ корисници на интернет, но и да се врши надзор и контрола кои информации се објавуваат и каде, пренесува Б92.

Кремљ аргументира дека тоа претставува одбранбен одговор на новата американска кибер стратегија, која дозволува преземање офанзивни мерки против Русија и други земји од кои доаѓаат кибер напади или закани. На тој начин, РуНет, како што би се нарекувал новиот интернет, би можел да функционира дури и кога САД би се обиделе да воведат дигитална изолација на Русија.

Но, против овој предлог се и корисниците и провајдерите на интернет кои сметаат дека тоа не е најдобро решение. Корисниците посочуваат дека со тоа би се ограничиле нивните и така рестриктивни слободи, додека операторите наведуваат дека алтернативен интернет би чинел милијарди рубљи.

Интернет експертите предупредуваат дека создавањето на централизиран интернет би ја направил Русија поранлива, поради тоа што би постоело само едно место да се нападне па целиот руски интернет да престане со работа.