„Блумберг“ пресмета колку долго милијардерите можат да ги финансираат своите влади


Агенција „Блумберг“ спроведе истражување за тоа колку долго најбогатите луѓе во светот би можеле да ги покријат трошоците на владите доколку немаат други извори на финансирање. Во истражувањето, кое беше наречено „Индекс Робин Худ“, беа споредени податоците за големината на државниот буџет и финансиските средства на најбогатите луѓе во 49 земји, меѓу кои Русија, САД, Јапонија, Франција, Сингапур, Саудиска Арабија и др.

Така, главниот акционер на „Северстал“, Алексеј Мордашов, кој според рејтингот на „Блумберг“ е најбогат човек во Русија со богатство од 19,7 милијарди долари, може да ги покрие трошоците на сите руски државни служби и агенции во текот на две недели. Според агенцијата, секој ден работа на владата Мордашов ќе го чини 1,399 милијарда долари.

Наведено е дека најдолго може да се задржи кипарскиот милијардер со норвешко потекло, Џон Фредриксен. Богатството од 10,4 милијарди долари би му овозможило да ја покрие владата на Кипар 441 ден.

Најбрзо од сите ќе го изгуби своето богатство сопственикот на кинеската интернет-компанија „Алибаба“, Џеку Ма. Со своите 45,5 милијарди долари владата на НР Кина може да работи четири дена. Толку би траело и богатството и на основачот на јапонскиот малопродажен ланец „Уникло“, Тадаси Јанаи, и на полскиот медиумски магнат Сигмунд Соло-Жак.

Сопственикот на интернет-компанијата „Амазон“, Американецот Џеф Безос, кој од јануари оваа година ја предводи листата на најбогати луѓе на светот, може со своите 99 милијарди долари да ја финансира владата на САД пет дена.